Изложба, промоција на зборник и тркалезна маса во Музеј на Македонија

Фото: Тииит! Инк.

Утре со почеток од 12 часот, во Музејот на Република Северна Македонија ќе одржи промотивен настан со фокус на сеопфатно истражување на првото македонско женско списание „Македонка – Орган на АФЖ”. Настанот го организира Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), во партнерство со Музејот и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.

Настанот ќе започне со отворање на изложбата на Христина Иваноска на пладне, а потоа ќе следува тркалезната маса од 12 и 30 часот. Ќе зборуваат м-р Ивана Хаџиевска, Јана Коцевска, д-р Дарко Леитнер-Стојанов, м-р Христина Иваноска, д-р Јелена Милинковиќ, Вера Бунтеска, д-р Билјана Котевска, м-р Душица Лазова, а модераторка ќе биде Ана Василева.

Јавната дискусија е по повод промоцијата на зборникот на научни трудови, насловен како „Архиви на невидливите: „Македонка – Орган на АФЖ” (1944-1952): историски искуства и културна меморија”.

Зборникот тематски и критички пристапува на историјата на списанието „Македонка”, а го изготви тим од пет истражувач(к)и, и тоа Ивана Хаџиевска (политичка историја), Јана Коцевска (социјални аспекти), Дарко Леитнер-Стојанов (образовни процеси), Мања Величковска (книжевни аспекти) и Христина Иваноска (уметничко истражување). Во него се застапени релевантни излагања на регионални истражувачки, низ предговорот на д-р Ивана Пантелиќ (Институт за современа историја на Србија, Белград) и поговорот на д-р Јелена Милинковиќ (Институт за литература и уметност, Белград).