Мултимедијалната изложба „Ре-креација на видот: Да ги погледнеме фотографиите со други очи“ ќе биде отворена на 27 јуни (петок) во 19 часот во изложбениот простор на Музејот на град Скопје. Станува збор за завршен настан на регионалниот проект Out of Frame: Promoting New Perspectives Through Photography, кој обедини млади фотографи од Србија, Црна Гора и Северна Македонија.
Изложбата претставува кулминација на десетмесечното творечко патување на учесниците, кои низ менторски процеси и интензивни работилници развија нови авторски изрази и фотографски перспективи. Токму овие дела, создадени како резултат на заедничко учење и истражување, сега ќе бидат прикажани пред јавноста во Скопје.
На отворањето ќе присуствуваат регионалните партнери и ментори: кустоската Славица Христова од Музејот на град Скопје, фотографката и деканка Александра Ристовска, директорите на регионалните фестивали ЗРНО, Малински, VIZUALIZATOR и Tivat Photo Days, како и претставници од British Council.
Проектот „Out of Frame“ се реализираше во рамките на програмата Culture and Creativity for Western Balkans (CC4WB), финансирана од Европската унија, со цел зајакнување на културниот дијалог и унапредување на креативните индустрии на Западен Балкан.
Младите автори, ослободени од визуелни клишеа и комерцијални наративи, низ своите објективи нудат личен и автентичен увид во секојдневието, идентитетите и општествените контексти во кои живеат. Со тоа, изложбата не само што претставува завршница, туку и почеток на една нова регионална мрежа на фотографи, ментори и фестивали, посветена на развојот на младата фотографска сцена.
Настанот ќе биде збогатен и со промоција на нова дигитална платформа за млади таленти, која ќе придонесе за натамошна соработка и видливост на авторите во регионален и меѓународен контекст.
