Излезе од печат првиот број на „Скала Магазин“

Скала Магазин

„Скала Магазин“ го објави своето прво печатено издание, чија промоција ќе се одржи во петок, 14 мај, во рамките на Саемот за размена на креативни искуства и размисли „Добро утро креативци“ на летната тераса во „Јавна соба“. Издавачите најавуваат промотивен попуст за резервација на првите 100 броја.

Главниот уредник на „Скала Магазин“, Дејан Џолев, го опишува магазинот како задолжителна литература за секоја домашна библиотека.

„По едногодишно неуморно создавање на содржини, следејќи ја „новата“ сцена преку добро познатите рубрики: „На скалички со…“; студиозни менторски осврти на голем број професионалци од дејностите; медиумска поддршка на настани со комплетна репортажа на пишани текстови, интервјуа, видео рубрики, како и нашата онлајн-продавница со голем број на дизајн и уметнички дела од наши домашни автори, дојде редот и на првиот печатен број на „Скала магазин“! Тоа што можеме да го ветиме е 136 страници голем формат, пример за дизајн и фотографија и содржина којашто ќе се препрочитува засекогаш“, вели Џолев.

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, која ги промовира домашните млади креативци и независни автори, ги поврзува студентите и независните артисти со организациите и компаниите, но е и медиум што веќе една година активно ги поддржува културните настани и сцена.

Целта на оваа платформа е студентите да бидат креатори и директни учесници во креативната заедница и да го даваат својот придонес кон зајакнување на севкупната индустрија.

Повеќе информации за магазинот и неговата промоција можат да се прочитаат на официјалната веб-страна на „Скала Магазин“.