Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, од печат излезе новата стихозбирка на македонската поетеса Билјана Станковска со наслов „Сина синкопа“. Збирката е поделена во три циклуси: „Дисонанца“, „Созвучие“ и „Тихување“, преку кои авторката нуди лирско патување низ звучни и емоционални состојби.
Во поговорот на книгата со наслов „Внатрешна лирска динамика“, поетот и критичар Санде Стојчевски пишува:
„Сина синкопа изобилува со слики што поседуваат впечатливост, креативна заводливост и сигурни творечки потези. Песните сведочат за длабоко доживување на реалната стварност и нејзиниот одраз – таинството што тече преку рабовите меѓу овие два света, само навидум јасно омеѓени, а всушност длабински поврзани. Станковска испеала сложена книга песни кои со својата рефлексивност и лирска напнатост го прикажуваат човековото упорно настојување да наѕре зад завесата на видливото и да го именува невидливото“.
Билјана Станковска (1951) е автор на богато и разновидно книжевно творештво. Нејзиното дело опфаќа поезија, проза, драма и книжевност за деца. Меѓу нејзините позначајни изданија се: „Плетачката на тантели“ (2021), „Пукнатина во светлината“ (2020), „Кој ги краде соништата“ (2016), „Замисли желба“ (2008), „Мед и ѕвезди“ (2006), како и поетските збирки „Реставрација на светлината“, „Светлиот пат“, „Миг за пресоздавање“ и многу други.
Добитничка е на наградата на Друштвото на писателите на Македонија „Ванчо Николески“ за најдобра детска книга, како и на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска збирка во 2020 година. Нејзините дела се преведени на англиски, француски, кинески, српски, словенечки, бугарски и украински јазик. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година.
