Излезе новата песна на Conquering Lion – „Long Time“ во дует со Дани

Фото: Исечок од новиот спот

Најновата песна на реге групата Conquering Lion насловена „Long Time“ излезе вчера заедно со видео спот. Песната е снимена со македонската поп пејачка Дани Димитровска.

Со насмевка и игрива мелозвучна мелодија и спот снимен на убавите височинки на Шара, целата композиција претставува 4 минутна трака која одзива позитива.

„Long Time“ е прв колаборативен проект меѓу бендот и Дани. Снимена и продуцирана е од Гоце Трпков (DJ Goce), Bootlegz Basement Lab. Видеото е снимено од Јовица Рафајловски, а уредено од Томи Акимовски.

Conquering Lion го најавуваат својот нов, а воедно и шести студиски албум кој излегува наскоро.

Групата е формирана во 2007 година во Тетово. Во 2009 година излезе нивниот прв албум насловен со „I“, вклучувајќи една песна со јамајканскиот артист Jah Clarity во песната „Jah Love“. Оттогаш бендот постојано е активен на музичката сцена со издавање синглови и пет снимени студиски албуми во жанровите на реге, даб и кросовер. Досега зад нив покрај бројните настапувања во Македонија, испишуваат музички настапи со турнеи низ целиот Балкан и Европа (Холандија, Германија, Полска, Чешка, Словачка и др.).

Реге бендот има настапувано на значајни концерти заедно со светски артисти, како Manu Chao, Gentleman, Ras Zacharri, Donald Minott, Hornsman Coyote. За периодот кој следи покрај нов албум тие најавуваат и нови синглови и EP соработки, кои исто така излегуваат наскоро.