Се интензивира изведбата на градежните работи на првата фаза од проектот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија. До крајот на годинава, изградени се 64 отсто од пругата Куманово – Бељаковце со должина од 30,8 километри, информираат од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“.

– Интензитетот на изградба се зголеми во втората половина на оваа година и очекуваме до крајот на 2020 година пругата да биде завршена – велат од ова министерство.

Нивните пресметки покажуваат дека до крајот на 2017 година биле завршени само 25 отсто од градежните работи, додека прогресот на реализација на проектот во декември 2018 година изнесувал 36 отсто. Причините за застојот во изградбата на оваа делница, на која требаше да се движат возови уште во 2016 година, се проблеми со експропријацијата на земјиштето и недостатоци во проектната документација.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека сите неискористени средства за реализација на првата фаза од проектот за изградба на пругата кон Бугарија се префрлени за користење за во 2020 година.

Паралелно на изведбата на пругата од Куманово – Бељаковце, наредната година треба да се избере градежната компанија што ќе ја гради железничката траса од Бељаковце до Крива Паланка, а до крајот на 2020 година треба да стартуваат и градежните работи.

Изградбата на пругата Куманово – Бељаковце отпочна во март 2014 година, со ветување дека оваа железничка линија ќе биде оспособена за сообраќај во рок од две години. Станува збор за пруга која го заобиколува Куманово, предвидува изградба на нова железничка станица и стојалиште на различни локации во градот, со што би се овозможило посериозен развој на патничкиот железнички сообраќај помеѓу Куманово и Скопје.