Photo by Abdou Mrehouri on Unsplash

Една од најважните национални велосипедски рути во Франција, патеката од Париз до Довил, со должина од 420 километри, е целосно завршена и пуштена во употреба. Жителите од францускиот главен град, по посебна патека со својот велосипед ќе можат да стигнат до градовите Ле Авр, Онфлер и Довил во Нормандија, на самиот брег на Атлантскиот Океан. Изработена е и веб страна за промоција на комплетираната патека.

Оваа велосипедска рута е дел од 48 национални патеки кои ги треба да ги поврзат градовите меѓу Франција, за да може граѓаните од едно до друго населено место да патуваат со своите велосипеди. Дополнително, низ оваа земја минуваат дури10 од ЕуроВело рутите, со кои европските земји треба меѓусебно да се поврзат со велосипедски патишта. Само низ Франција, должината на овие велосипедски рути е неколку илјади километри.

Изградбата на велосипедската патека од Париз до Довил беше иницирана во 2015 година. Станува збор за проектот „La Seine à Vélo“, којшто опфаќа рута за движење на велосипедистите од вкупно 561 километар.

Со завршените 420 километри од неа, покрај тоа што ќе овозможи велосипедски сообраќај меѓу градовите, се очекува рутата да привлече бројни љубители кои со велосипеди сакаат да ги откријат убавините на овој дел од Франција. Имено, оваа велосипедска рута меѓу Париз и Довил минува низ познати историско-културни и природни знаменитости.

И додека во европските земји се градат илјадници километри на велосипедски патеки што ги поврзуваат градовите меѓу себе, Македонија со години наназад не може да изгради ниту една велосипедска патека што ќе поврзе некои од населените места. „Мета.мк“ веќе пишуваше дека низ земјава минува Рутата 11 од ЕуроВело рутите, со која Норвешка и Грција треба да се поврзат со велосипедски коридор, кој ќе минува по течението на реката Вардар. За жал, во нашата земја нема одредено институција која би работела на развој на велосипедските патеки на државно ниво и досега ништо не е направено за развој на оваа ЕуроВело рута.