Извор: Онлајн презентација на проектот „Гранд Скопје“

Инвеститорите МГ Фешн и Македонската православна црква може да отпочнат со изградба на кулата со приземје, 20 ката и поткровје на паркингот спроти хотелот Холидеј Ин во центарот на Скопје. Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ во изјава за „360 Степени“ вели дека нема никакви пречки решението за градење на дваесеткатницата да стане правосилно. Со добивањето на градежната дозвола, инвеститорот ќе може да почне со оградување на парцелата и други подготвителни работи за изведба на висококатницата.

„Немаме добиено никаква жалба од непосредни соседи или од кој било што може да го пролонгира процесот. Тоа сè уште не е формално-правно завршено, треба да пресметаме кога решението станува правосилно, но веќе нема законска можност процесот да се стопира“, вели градоначалникот Богдановиќ за „360 Степени“.

Со ова, инвеститорот ќе може да ја реализира првата кула со бруто развиена површина од 29.438 метри квадратни, која што ќе биде лоцирана покрај Кејот на реката Вардар. За изградба на зградата веќе се уплатени комуналии во висина од 2,4 милиони евра.

Инаку, инвеститорот во наредните две фази е планирано да гради и две други висококатници од по 16 и 22 ката. Воедно, тој се понуди да вложи во обнова на Кејот „13 Ноември“ што влегува во рамките на овој урбанистички план, но и се нудат на Општина Центар да го изградат планираниот јавен простор на парцелата 1.4 од ДУП-от на површина од околу 7.300 метри квадратни, на којшто би се наоѓало парковско зеленило, фонтана, урбана смарт опрема и други содржини.

Општина Центар во изминатиов период ветуваше и суспензија на спорните детални урбанистички планови, но Стручната комисија при Министерството за транспорт и врски утврдила дека локалните власти ги промашиле елаборатите за суспензија, односно наместо да бара суспензија за конкретни спорни локации, Општината побарала суспензија на цели детални урбанистички планови.