fbpx

Изградбата на патиштата во Штипско откри вредни археолошки локалитети

-

Завршуваат работите на архолошкото ископување на локалитетот кај кочанското село Соколарци, што багерите на кинеската компанија „Синохидро“ го открија случајно при поставување на трасата на експресниот пат Штип – Кочани.

На овој потег од делницата ќе можат да се вратат градежните машини и да продолжат со работа.

Локалитетот е заштитен и подготвен за некоја следна етапа на работа, кога НУ „Завод и музеј“ од Штип ќе успее да обезбеди пари за натамошно истражување.

Пронајдени се две гробници на римски владетели и други предмети внесени во гробниците. Останува на комисијата да ја прегледа документацијата и да одлучи за натамошната постапка со наоѓалишетото. Она што е сигурно е дека со заштитата на наоѓалиштето, нема да се поместува трасата на патот.

Ова е третото архолошко наоѓалиште на трасата на експресниот пат Штип – Кочани. Сите три наоѓалишта се документирани и заштитени со пари од ЈП за државни патишта, како инвеститор на патот.

Излегува дека поставувањето на патната траса им помогна на археолозите да дојдат до нови наоѓалишта, кои остануваат на следните генерации за работа.

Директорот на Заводот и музејот – Штип, Мите Штерјов, вели дека тоа што се работи за архолошки наоѓалишта кои случајно се наоѓаат при пробивање на пат, не го менува нивниот начин на работа.

– Работите на археолозите се пренасочуваат кон овие наоѓалишта, но принципот на работа е тој – сè што притоа ќе се најде, се документира, се заштитува и понатаму комисија, која ги разгледува наодите, одлучува за статусот на наоѓалишето – објаснува Штерјов.

Меѓутоа, археолозите забележуваат на брзината на изведувањето на работите. Инвеститорот обезбедува средства, но дава и рок до кога може да се работи на терен. Тоа ги забрзува работите и, во археолошки речник, локалитетот само се отвора, што може да се земе и изнесе, се зема, документира и толку. Прашање е колку локалитети случајно се уништени, додека се поставува трасата на патиштата, кои воопшто и не се документирани, како случајот со патот Штип – Миладиновци, каде археолозите воопшто немаат увид на потегот по Свети Николе до Миладиновци, вели фелата.

Професорот на Факултетот за историја и археологија, Трајче Нацев, вели дека веднаш откако ќе се направи трасата, треба да се повикаат археолозите, кои ќе направат сондажно истражување, со цел да се види на кои потези може да се очекуваат наоѓалишта, а потоа да се пристапува кон заштитни работи.

– Ние не сме против инвестиции, сите сакаме брзи патишта и развој, но тој е редот и треба да се почитува. Од брзина може да изгубиме вредни наоди. Важно е и понатаму да се продолжи со работа на откриените локалитетите, а не да се откријат, стават во археолошката карта и да се заборават – смета професорот Нацев.

На трасите на двата експресни патишта – Штип – Кочани и Штип – Радовиш најдени се вредни и единствени населби какви што нема во поширокиот регион. Колку тоа понатаму ќе се истражува, ќе зависи од волјата на Министерството за култура да одвои средства.

Како илустрација е трасата на хидросистемот „Злетовица“, долга околу 50 километри. На неа се пронајдени вкупно 50 локалитети, или на секој километар по еден локалитет. Но сите се внесени во археолошката карта.

Едно од повредните наоѓалишта откриени со поставување на патните траси, е тоа кај Пилав Тепе, кај експресниот пат Штип – Радовиш. Пронајдените артефакти ќе бидат претставени на изложбата на отворањето на Блканскиот симпозиум насловен „Археологија и рударство“, што ќе се одржи во Штип во средината на септември.

Тука ќе се најдат и предмети од останатите наоѓалиште на трасата на патот Штип – Радовиш, како и од наодите од локацијата за рудникот Боров Дол. Овие истражувања, пред отворање на новиот рудник, со 230.000 евра ги финансираше компанијата „Бучим“ од Радовиш.

Ставот на архолозите е дека новите инвестиции им отворија нови можности за работа и истражување, а со тоа и нови сознанија за животот на овие простори. Што понатаму ќе се случува со наоѓалиштата, ќе зависи и од идеите и можностите на државната и локалната власт и нивните институции.

– Локалитетот кај Пилав Тепе е веднаш до трасата на патот Штип – Радовиш, каде во близина е напуштен ресторан. Може да се претвори во туристичка атракција, како место за попатно застанување и посета на локалитетот. Тоа планираме да го направиме, бидејќи е вреден наод, за што веќе подготвивме проект, преку кој ќе бараме државно финансирање – вели директорот Мите Штерјов.

Сепак, во земја со скромни можности, а богата со архологија и култура останува отворено прашањето што понатаму со тие вредни наоди. Археолозите потсетуваат на неповратната штета што ја нанесуваат дивокопачите или трагачите по старини, кои стапуваат на сцена веднаш штом археолозите го напуштат теренот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...