fbpx

Изградбата на новиот мост над Вардар во Аеродром почнува утре

-

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, придружуван од градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, на Гази Баба, Борче Георгиевски, и на Центар, Саша Богдановиќ, изврши увид на градежните работи за проширување на булеварот АСНОМ и најави дека утре ќе почне изградбата на нов мост, во продолжение на булеварот.

– Општините Аеродром, Гази Баба и Центар за помалку од две години ќе бидат поврзани со нов мост и модерно булеварско решение што ќе го релаксира сообраќајот во овој дел од Скопје. Денеска вршиме увид во градежните работи, досега работевме на проширувањето на булеварот АСНОМ, а од утре продолжуваме со изградба на нов мост на Вардар кој ќе ги поврзува улицата Васко Карангелевски во Аеродром со улицата Индустриска во населбата Ќерамидница, во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вредноста на договорот за изведба на оваа фаза изнесува 365,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а се предвидува да се заврши во рок од 550 дена – рече Шилегов.

Тој најави дека по овој мост ќе сообраќаат и нови автобуски линии, a исто така, ќе се скрати патувањето и со други превозни средства на жителите на Аеродром и Ново Лисиче до поширокиот градски центар.

-По изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај доколку ја изберат оваа рута. Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но за жал, заради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети неговата изградба била одложувана за некои подобри времиња. Од тие причини, за мене недозволиво беше Аеродром како најнаселена општина и Гази Баба како општина со најголема економска активност да бидат поврзани со само еден мост наменет за моторен сообраќај, постојниот мост „Близнак“ – нагласи Шилегов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...