Фото: Принтскрин

Сè уште не се познати причините за синоќешниот пожар во струмичкиот трговски центар „Глобал“, каде целосно изгореа десетина дуќани и дел од зелениот пазар. Човечки жртви нема, а предизвикана е само материјална штета чија вредност засега не е утврдена.

Околу шеесетина пожарникари вчеравечер го гаснеа пожарот, а денеска тие и натаму дежураат пред објектот за да не дојде до нов пожар од местата каде има жаришта.

Локалната струмичка ТВ ВИС информираше дека ниту еден хидрант од повеќето поставени во обејктот не бил во функција, односно немал вода, а иста е ситуацијата и со хидрантите во градот кои не се компатибилни со опремата и стандардите на приклучоците коишто ги користат струмичките пожарникари. Ваквите услови ги принудуваат пожарникарите да се враќаат до пожарната и да полнат вода, што ја забавува работа.

Премиерот Зоран Заев, кој денеска беше во обиколка на опожарениот трговски центар изрази благодарност до струмичките, но и противпожарните бригади на околните општини кои помогнаа да се изгаси пожарот. Тој најави солидарност и сплотеност од страна на заедницата, бизнис секторот, институциите и општината, како и сите граѓани со цел санирање на штетата.

„Материјалните штети се огромни, нанесени се непоправливи економски штети, на деловните субјекти кои живеат и работат овде и од тука ја вадат својата егзистенција. Добро е што нема повредени и човечки жртви. Секој ќе помогне на секој можен начин. Сите заеднички ќе помогнеме“, рече премиерот Заев.