fbpx

Изгледа Тимоние го претскажа тоа што политичарите мислат да сторат со СЈО

-

„Можеби ќе треба да се затвори тоа досие“ вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во интервју за ТВ21, зборувајќи за Специјалното јавно обвинителство.

Додека Министерството за правда чека на двотретинско мнозинство за да го стави во собраниска процедура новиот Закон за јавно обвинителство, во кое треба да биде вметнато и СЈО, извори од владеачката коалиција ги посочуваат ставовите од интервјуто на Тимоние како „многу интересно размислување“.

– Не треба да заборавиме како беше основана таа институција. Беше основана поради една неопходност, но сега е време да се прејде во друга етапа – вели Тимоние во интервјуто.

Тој потсетува дека СЈО било неопходно за да се смири кризата и да се предизвика „политичка транзиција“ во момент кога „ние во Франција гледавме и мислевме дека државата ќе се распадне“.

– Таа институција е воспоставена во една посебна правна рамка. Се уште не е објавено мислењето на Уставниот суд дали СЈО е дел од правниот систем или не – потсетува францускиот амбасадор, истовремено оддавајќи признание за досегашната работа на СЈО.

Покрај Уставниот суд, Тимоние како опасност за СЈО го додава и судот во Стразбур, велејќи: „врз база на прибавените докази, кои што беа прибавени под специфични услови, нели, не знаеме каква би била судската практика еден ден на Судот за човекови права“. Тој нагласува дека не сака да ја критикува институцијата, но таа не треба да се меша со постоечките институции, „ не да живееме во минатото, туку да живееме во иднината“. Тимоние смета дека СЈО, „адаптирано“ треба да стане дел од редовна институција која што е „повеќе свртена кон иднината, а помалку кон минатото“

– И сосема е јасно дека постојаното отворање на нови предмети без крај ризикува да се компромитира целиот систем. Си поставуваме одредени прашања и за последните афери кои што се отворија, дали тие навистина се дел од мандатот на СЈО, сето тоа се прашања за кои што треба да се запрашаме, дали вреди да се посветува толку многу време или можеби треба да се обидеме да создадеме ефикасен систем на институции кои што можеби веќе постојат, или барем на хартија, да направиме тие да бидат што пофункционални – вели францускиот амбасадор.

Спротивно на него, Џес Бејли, веќе поранешниот американски амбасадор во земјава, во прошталното интервју во емисијата „360 степени“ нагласи дека мора да има завршница на случаите на СЈО, мора да се задржат институционалните капацитети на тоа обвинителство, и измените во законот не смеат да бидат употребени за „одредени луѓе да се протнат низ пукнатините“.

На последната владина седница, во вторникот, пропаднал обидот да се усвои предлог законот за Јавно обвинителство, во верзијата во која СЈО би станало дел од Обвинителството, но со истрагите против актуелни функционери, меѓу кои се и Али Ахмети во случајот „Попис“ и Бујар Османи во случајот „Пациент“.

Оваа верзија на законот предвидува да продолжат истрагите почнати или преземени по 30 јуни 2017 година, кога во законот за СЈО му завршува „рокот на траење“ на Специјалното обвинителство.

Министерката за правда Рената Дескоска во четвртокот (28.02) изјави дека „засега нема двотретинско мнозинство за законот“.

– До ВМРО-ДПМНЕ не е доставен текстот на предлог-законот кој го подготви Министерството за правда, а не бевме вклучени ниту во работната група која го подготвуваше, и не би било принципиелно да го комнетираме. Што се однесува до СЈО, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека вакво СЈО е продолжена рака и инструмент на Зоран Заев за политичка пресметка – велат во врвот на опозициската партија.

ДУИ начелно немаат ништо против СЈО и неговата работа во мандатот со кој е формирано, но немаат ни коментар за неговата и иднината на случаите кои ги води. Од друга страна, за нив е интересен ставот на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние

– ДУИ не се тие што не се согласуваат со постоењето на СЈО – вели висок извор од коалицискиот партнер.

И покрај пет обиди, до крајот на денот СДСМ не одговорија на прашањето кој е нивниот став за иднината на СЈО и случаите кои ги отвори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК нема да може сама да се справи со евентуални кибер напади и дезинформации

Кибер напади, дезинформации, логистички пречки - овие ризици се закана за кредибилитетот на изборните процеси, истакна денеска првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На денешната панел...