Фото: Архива на Мета.мк

По речиси две неделна неизвесност, парламентарното мозинство вчера попладне ги усвои измените во Законот за додадена вредност. Со нив, ДДВ за струјата, од 18, се намалува на 5 отсто, со што сметките на граѓаните нема да бидат зголемени, и покрај покачувањето на цената на струјата од 1 јули, за 12,3 отсто. Намалената стапка ќе важи од денот на влегување во сила на законските измени до 30 јуни 2022 година.

Од СДСМ соопштија дека и покрај обидите за блокада од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, парламентарното мнозинство предводено од СДСМ уште еднаш покажа посветеност во заштита и унапредување на животниот стандард на сите граѓани. 

„Намалувањето на данокот на додадена вредност е со цел, со пониски цени да им се помогне на домаќинствата за намалување на нивните трошоци“, се вели во партиското соопштение. 

Од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на РСМ (РКЕ), ја поздравија искажаната политичка волја, со која се прифати и имплементира решението на РКЕ за намалување на ДДВ на електрична енергија за домаќинствата. Регулаторите посочуваат дека очекуваат да се прошири опфатот со решенија за пониски сметки за струја и на ранливите групи граѓани, што РЈЕ го покрена уште минатата година.

„РКЕ ќе продолжи да креира иницијативи кои треба низ соодветен институционален пат да донесат решенија за заштита на животниот стандард, кога се во прашање потрошувачите, што практично се покажа и со носењето на законските измени, кои потекнаа од нашата иницијатива што ја покренавме пред една година. Апелирам сега фокусот да се насочи кон проширување на опфатот на ранливи категории – кои треба да бидат сет на прецизно идентификувани категории на домаќинства на кои им е потребна парична помош со која ќе се намалат сметките за електрична енергија: како што се пензионерите со најниски пензии“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.