Душко Арсовски Муамет Хоџа фото : Влада на РСМ
Душко Арсовски, Муамет Хоџа | Фото: Влада на РСМ

Портпаролот на Влада, Душко Арсовски информираше дека дозволите за движење во време на полициски час што минатата година ги издаде Министерството за информатичко општество и администрација ќе важат и за време на ограниченото движење на граѓаните од утре до 22 март 2021 година.

„Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење. МИОА ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и на оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање“, информираше Арсовски.

Економските оператори кои ќе работат по 22 часот треба да пополнат образец објавен на веб-порталот www.uslugi.gov.mk.

„Oткако ќе го пополнат овој обрзаец тој станува валиден и со него овие работници пред било која полициска контрола можат да докажат дека во времето кога трае ограничувањето на движењето извруваат работни задачи,“ објасни Арсовски.

Премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук-профил даде објаснувања за движењето на одредени категории на граѓани за време на полицискиот час.

„Одлуката за забрана за движење не важи за патниците коишто доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници. За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден до друг граничен премин. Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштаат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна“, вели Заев.

Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.