Издадена книгата „Раскази на љубовта“ во која емоциите играат главна улога

Фото: Готен

Издавачката куќа „Готен“ ја објави збирката раскази „Раскази за љубовта“ од
еден од најпопуларните современи чешки писатели, Михал Вивег.

„Збирката раскази „Раскази за љубовта“ ги содржи главните карактеристики на прозното писмо на Вивег – одлично чувство за раскажување приказни, дозиран
хумор, луцидно согледување на односите меѓу луѓето. Млади љубовници и постари љубовници, парови во брак и разведени, неженети мажи и вдовици, отворени и прикриени страсти, непредвидени емоции што се појавуваат во различни ситуации, копнежи што не се реализираат или се остваруваат на необичен начин – едноставно, љубовта во сите нејзини облици“, се вели во описот за книгата.

Од издавачката куќа „Готен“ додаваат дека сите 16 раскази од книгата го носат печатот на авторот кој умее своето чувство за стил и композиција да ги обедини во приказни полни со живот и умешно нијансирање на основната тема.

„Михал Вивег ги набљудува среќните и тажните страни на љубовта, не само со разбирање, туку и со иронична ладнокрвност. Повремената тага и меланхолијата вткаени во овие кратки прози речиси секогаш благовремено се натопени со хумор, па иако емоциите играат главна улога во текстовите, тие никогаш не навлегуваат во патетика“, се вели во соопштението.

Преводот од чешки јазик го направи профсорката на Институтот за македонска литература во Скопје, во Одделението за теорија на литературата и компаративна книжевност, Соња Стојменска-Елзесер.

Делата на Михал Вивег се преведени на повеќе од 25 јазици, а само во Чешка неговите книги се продадени во повеќе од 1 милион примероци.

Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на
Европската Унија.