На јавниот повик КРЕАТОН наменет за креирање на дигитални алатки и решенија за справување со последиците од Ковид-19 избрани се 16 решенија. Повикот е спроведен во соработка со партнерите – Амбасадата на Швајцарија во земјава, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, МАСИТ и ФИТР чии претставници беа членови на Комисијата за евалуација и избор, информираат од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

– Сите овие решенија нудат придонес во намалување на последиците и прилагодување на животот и работата во услови на криза. Она што е од исклучителна важност е дека целиот процес беше спроведен во рекорден рок. Тоа покажа дека и граѓаните од кои добивме над 500 апликаци, но и институциите и меѓународните организации можат и мораат да се прилагодуваат и ефикасно да функционираат во изменети услови – рече Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Овие решенија треба да бидат целосно функционални за 15 дена и ќе бидат бесплатно достапни за сите граѓани, компании и организации.

– Мислиме и за ден потоа, решенијата се применливи и во услови на нормално функционирање со што се дава придонес во дигитализација на општеството. Пак ќе повторам, целта е од сето ова што ни се случува да излеземе пред се здрави, а потоа и посилни и подобри – рече Деспотовски.

Избраните решенија нудат дигитални алатки во медицина, образование, борба со лажни вести, дигитални алатки за прилагодување на малите и средни претпријатија. Меѓу нив има ИТ решение за бесконтактна интеракција на пациенти, лекари и аптеки, платформа за ММС со пристап до бесплатни дигитални алатки и едукација како да се приспособат на новите услови на работење, алатка за верификација на граѓани, организации, фирми и институции во деловен процес со дигитален идентитет, како и апликација за поттикнување на читачките навики кај основци и средношколци преку интеракција и со помош на гејмификација.

Вкупниот буџет за повикот е 10 милиони денари, со максимален износ по апликација до 10.000,00 евра во денарска противредност.

Меѓу избраните 16 дигитални решенија е и она на Горјан Јовановски и неговиот проект „Акредитатор“. Станува збор за browser екстензија за Chrome, Firefox и MS Edge, која во соработка со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ќе ги информира граѓаните дали тековно отворениот медиумски сајт од нивна страна е дел од регистарот на професионални медиуми на ЗНМ објавен на www.promedia.mk.

„Екстензијата е со цел информирање на граѓаните за професионалните медиуми. Дополнително ќе се додаде механизам за пријава на сајтови со лажни вести од граѓани, кои ќе бидат валидирани од ЗНМ“, истакнува апликантот Горјан Јовановски за неговиот проект за кој доби 183.000 денари.