fbpx

Изборот на Димас е тежок, но не и невозможен

-

Првите анализи на резултатите од второто гласање за претседател во грчкиот парламент прогнозираат дека Грција е сè поблиску до предвремени избори во јануари. Меѓутоа, политичките аналитичари оставаат и простор за некакво изненадување во последен момент. Следните пет дена се очекуваат многу преговори и заткулисни игри во обидот на владата да се освојат уште 12 гласа на постоечките 168 за Ставрос Димас.

Професорот по меѓународни односи, Аристотелис Ѕиамбирис, за „Мета“ вели дека предвремените избори засега се најреалистично сценарио, но ќе мора да се почека до третиот круг на 29 декември за да се донесе конечен заклучок.

– Врз основа на сегашните факти и услови многу е тешко, но не е и сосема невозможно да се изгласа претседател. Нема резерва од независни пратеници, така што за да се освојат уште 12 гласа ќе мора да се одделат пратеници од Демократска левица или од Независни Грци, што изгледа многу тешко во моментов. Најверојатното сценарио е дека одиме кон предвремени избори – вели Ѕиамбирис.

Според него, треба да се земат предвид и некои економски фактори кои сè уште не е јасно како ќе влијаат на третото гласање.

– Во следните денови останува да видиме дали ќе има паника и дали граѓаните ќе почнат да извлекуваат пари, како ќе реагираат берзите, какви економски последици ќе има целата политичка ситуација – коментира Ѕиамбирис.

Новинарот на „Етнос“, Христос Телидис, смета дека до последен момент ќе има голема политичка раздвиженост и нов развој на настаните.

– Следува период на густи политички случувања до третото гласање. Секојдневно може да имаме нов развој на настаните, нови пресврти. Во моментов изборот на Димас изгледа многу тежок, но не и невозможен – оценува тој за „Мета“.

Аналитичарите коментираат дека движењата на пратениците и на партиите покажуваат дека една по една сите почнуваат да заземаат борбени позиции за потенцијални предвремени избори. Сите се претпазливи во дефинитивната најава за предвремени избори, но коментираат дека ако дојде до тоа, ќе има интересни пресврти во однос на тоа кој ќе ја формира владата, каква коалиција може да се формира.

– Уште не можеме да знаеме кои ќе бидат партиите што би се бореле на изборите. Има силни гласини дека Јоргос Папандреу планира да основа партија во следните недели. Ќе треба да се види како тоа би влијаело на изборната среќа и на рејтинзите на ПАСОК. Има многу фактори кои ќе треба да се земат предвид и затоа е потребна голема претпазливост во следниот период – вели Ѕиамбирис.

Овие неколку дена ќе видиме дали Самарас ќе се обиде да направи нови чекори и нови иницијативи за да придобие некои пратеници од Демократска Левица и од Независни Грци. Се очекува тој силно да игра на картата за поголема одговорност за иднината на државата и да има нови притисоци за владата да избегне предвремени избори и да се обиде да се задржи власт барем уште една година.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...