Според резултатите од речиси 99 отсто преброени гласови на вонредните парламентарни избори во Шпанија, победа остварија социјалистите на премиерот Педро Санчез, кои освоиле околу 122 места во Долниот дом на Парламентот, додека конзервативната опозициска Народна партија 87 пратенички мандати. Но, тоа не се доволно пратеници за партијата самостојно да формира влада, бидејќи прагот е 176 пратенички мандати, а партијата не успеа да коалицира со левичарската и идеолошки блиската Унидас Подемос. Десничарската партија „Вокс“ го зазеде третото место со освоени 52 места, што е за 23 повеќе отколку на изборите одржани на 28 април.

Оваа ситуација го прави неизвесно брзото формирање владејачко мнозинство во парламентот и формирање влада, што остава ризик дека парламентарните избори во Шпанија може ќе се поништат и ќе се организираат нови, што пак ќе значи дополнително одложување на ратификацијата на Протоколот за членство на Македонија во НАТО од оваа земја, со што ќе се пролонгира стапувањето на земјава во полноправно членство во Северноатлантската алијанса.

Инаку, Протоколот треба да го ратификуваат и Франција и Холандија.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред околу два месеци прогнозираше дека Македонија би станала членка на НАТО во април следната година. На 12 април 2020 година се закажани и предвремените парламентарни избори во земјава, што значи ако задоцнат Шпанија, Франција и Холандија, за ратификација на Протоколот од страна на земјава ќе мора да се чека да се конституира новото Собрание.