fbpx

Изборите го омекнаа непопустливиот Груевски

-

За кратко време поранешниот премиер Никола Груевски и Владата повлекоа неколку потези што беа незамисливи пред една година. Во изминатите месеци тој направи повеќе отстапки отколку за сите девет години колку што е на власт и почна да повлекува некои веќе објавени одлуки само затоа што во меѓувреме имало реакции на граѓаните.

Груевски неодамна ги изговори и зборовите што дотогаш никој не ги слушнал од него: „мнозинство не ја поддржуваат одлуката“, „го следевме тој процес и имавме меѓусебна комуникација“, „размисливме и одлучивме од понеделник да се стопира тој процес“, „штом толку многу граѓани реагираат, и ние треба да го почитуваме тоа“.

  • На јавно обраќање на 14 јануaри тој ја најави својата „условна“ оставка со формулацијата „оставката на функцијата претседател на Владата ќе биде активирана на 100 дена пред изборите“. Груевски попушти пред притисокот на јавноста да поднесе оставка точно 100 дена пред закажаните избори. Наредниот ден Груевски веќе беше и поранешен премиер.
  • Откако во јавноста се појави информацијата дека Владата распишала оглас за набавка на мебел во стил од периодот на Луј XV, а по острите критики, тој експресно се поништи. Од Владата испратија соопштение во кое се вели дека ѝ е наложено на Службата за општи и заеднички работи да ја поништи јавната набавка.
  • За само десетина дена по реакциите на одлуката за продажбата на Офицерскиот дом во Битола, Владата, односно Груевски, се премисли и ја отповика. Одлуката за продажба на Офицерскиот дом во Битола, Владата ја донесе на 22 декември, а електронската аукција требаше да се одржи на 19 февруари. Битолчани жестоко се спротиставија. На 31 јануари годинава претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во ТВ-интервју сликовито објасни зошто Владата ќе ја повлече оваа одлука:

„Државните институции, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, тргнаа со една идеја која гледаме дека во изминатите денови граѓаните на Битола во мнозинство не ја поддржуваат. Го следевме тој процес и имавме меѓусебна комуникација. Размисливме и одлучивме од понеделник да се стопира тој процес. Сигурно има некоја работа која нам не ни е докрај јасна, штом толку многу граѓани на Битола реагираат и ние треба да го почитуваме тоа.“

  • Министерството за финансии ја откажа и аукцијата на државни записи, на која требаше да побара 813.000 евра од домашните кредитори по најавата на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, дека ќе го оспори одржувањето на аукцијата поради прекршување на постапката од министерот за финансии, Зоран Ставрески.
  • Наставничкиот совет на училиштето „Кочо Рацин“ во Велес неделава на вонреден состанок едногласно ја укина одлуката за намалување на поведението на средношколката Илина Димовска. Состанокот бил одржан на 29 јануари, ден по објавата на голем дел до медиумите за случајот со средношколката. На средношколката Димовска ѝ било намалено поведението затоа што на 16 номеври на „Фејсбук“ напишала критички став кон вработените во училиштето.
  • Автошколите кои цел месец ја блокираа улицата пред Владата, незадоволни од новите законски измени со кои се предвидува секој час од обуката на кандидатите да биде сниман со опрема која тие самите треба да си ја набават, го прекинаа протестот. На средбата со претставници од Владата, на која им било кажано дека  Министерството за внатрешни работи веќе доставило предлог за одложување на оваа мерка.
  •  Во октомври, под притисок од СДСМ дека ќе ги напушти преговорите, пратениците Талат Џафери и Крсто Муковски го повлекоа предлог-законот со кој се предвидуваше забрана на објавување на „бомбите“.
  • Минатата година, пак, помеѓу „бомбите“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, премиерoт Никола Груевски „ненадејно“ ги викна на средба претставниците на „Студентски пленум“.
  • Исто ненадејно, пред полноќ, јавноста дозна и дека СОНК го прекинува штракот кој траеше две недели. Сè уште не беа стивнати муабетите за тоа дали наставниците изгубија или добија со договорот што водството на работничкото движење го постигна со министерот за образование, Абдилаќим Адеми, се појави и договор меѓу студентите и премиерот.
  • По серијата протести Владата го повлече и законот за хонорарци.

Иако останаа малку, но со обелоденувањето на „бомбите“ од СДСМ, некои проекти што Владата на Република Македонија ги планираше, па дури и ги промовираше, останаа недовршени.

  • Нов грб. На 6 декември 2014 година, Владата го усвои нацрт-законот за нов државен грб. По ова требаше да следува јавна расправа, која никогаш не се одржа.
  • Државен испит. Проектот на Владата за државен испит, иако беше бурно најавуван, а премиерот и Владата беа категорични дека ќе се спроведе без приговори, пропадна. По трите студентски протести и по бојкотот на наставата, Владата, сепак, попушти и го пресретна студентското движење.
  • Уставни измени. Во јануари минатата година беа планирани и уставни измени. Седницата почна на 20 јануари. Овие уставни амандмани предвидуваат дефинирање на бракот како заедница на еден маж и на една жена, формирање финансиски зони, воведување уставна жалба, преименување на Народната банка во Банка на РМ. Седницата беше прекината на барање на пратениците од ДУИ и сè уште не е презакажана.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 13 часот е 26,3 отсто

Излезноста до 13 часот во првиот круг од претседателските избори е 26,35 отсто. Гласале 430.364 граѓани, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК). Оваа бројка е во реалност и...