Фото: Луис Веласкез (Louis Velazquez) на „Ансплеш“ (Unsplash)

Тесна трка на изборите за Конгресот на САД, која засега не ветува огромна победа на Републиканската партија. Гласовите од вчерашните избори се бројат низ американските сојузни држави, но актуелните резултати покажуваат изедначена трка на изборите за Сенатот (Горниот дом на Конгресот, односно парламентот на САД), додека Републиканците засега имаат повеќе претставници во Претставничкиот дом (Долниот дом).

Според Си-ен-ен, Демократите и Републиканците засега имаат по 48 места во Сенатот. Партијата од која доаѓа американскиот претседател Џо Бајден е на чекор да освои просто мнозинство од 51 место во Сенатот, иако броењето на гласовите не е завршено.

Во трката за место во Сенатот во сојузната држава Пенсилванија, Демократите постигнаа важна победа. Бестселер-авторот Џ.Д. Венс, пак, е избран за сенатор од сојузната држава Охајо. Републиканецот Венс го победи демократскиот кандидат Тим ​​Рајан.

Во Претставничкиот дом на Конгресот, Републиканската партија на Доналд Трамп засега води со 198 освоени места, додека Демократската партија на Џо Бајден има освоено 178 места. За да се формира мнозинство во Претставничкиот дом, неопходно е некоја од партиите да освои 219 места.

И понатаму е рано да се прогнозира кој ќе ја има контролата во двата дома на американскиот Конгрес, бидејќи допрва треба да се пребројат гласовите во Невада, Џорџија, Висконсин и Аризона. Во сојузната држава Невада, каде што се прогнозира тесна трка меѓу двете партии, ќе бидат потребни неколку дена за целосно пребројување на гласовите.

Уште еден важен податок е победата на Републиканската партија во сојузната држава Флорида. Сенаторот Марко Рубио од оваа партија успеа да влезе повторно во американскиот Сенат, додека актуелниот гувернер Рон Де Сантис е реизбран.

Политико пишува дека кандидатите на Демократската партија на Џо Бајден во повеќето случаи успеале да ги задржат гувернерските места во сојузните држави. Демократите освоија голема победа во Висконсин, Њујорк и Мичиген. Засега Демократите на Бајден имаат тесно водство во Канзас и во Невада. Во Џорџија Републиканската партија успеа повторно да ја добие гувернерската позиција, додека тесна битка во изборот на нов гувернер се води Орегон, Аризона и Невада.