fbpx

Избори во Франција: Макрон го загуби мнозинството во парламентот, ќе мора да преговара за клучните закони

-

Центристичката коалиција предводена од францускиот претседател Емануел Макрон го загуби апсолутното мнозинство на пратеници во францускиот парламент по вториот круг од парламентарните избори што се одржаа вчера, јавува Јуроњуз. Кандидатите на Макрон освоија 245 места во парламентот, што е помалку од неопходните 289 пратеници.

Левичарската коалиција предводена од Жан Лук Меленшон освои 133 пратенички места, додека радикално десничарската партија Национален фронт на Марин Ле Пен доби огромни 89 пратеници.

Двете традиционално најголеми партии во Франција во изминативе децении – социјалистите и републиканците и на овие избори со симболични резултати. Социјалистичката партија беше дел од коалицијата на Меленшон, во која се наоѓаат збир на партии од радикалната левица до зелените.

Републиканците како десноцентристичка партија пак освоија само 74 места во францускиот парламент и тие во моментов претставуваат единствената политичка партија која би можела да претставува надеж за Макрон за усвојување на клучните закони во парламентот.

Гардијан јавува дека левичарската коалиција успеала за првпат во францускиот парламент да ја внесе како пратеник Рашел Кеке, хотелска работничка. Таа е позната како предводник на работнички штрајк за повисока плата и подобри услови за работа во париски хотел и ќе биде првата чистачка која успеала да стане пратеничка во Франција.

Актуелниот министер за економија од партијата на Макрон, Бруно Ле Мер изборните резултати ги нарече демократски шок, додавајќи дека ќе треба многу имагинација за да се управува неговата земја по изборите.

„Ако другите блокови одбијат да соработуваат, тоа ќе ги блокира нашите можности да ја реформираме и заштитиме Франција“, изјави Ле Мер.

Француската премиерка Елизабет Борн пак додаде дека Франција досега никогаш немала вакво Национално собрание и ваквата ситуација претставува ризик за земјата. Тие ќе се обидат да изградат работно мнозинство во парламентот во наредниот период.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...