fbpx

Изборен законик, ДИК, дијаспора: Што бараа, а што ќе договорат партиите?

-

По завршувањето на последната средба на работните групи за спроведување на Договорот од Пржино во делот за  околу изборното законодавство, ДИК, избирачкиот список, гласањето на дијаспората, неофицијални извори од преговарачки тимови брифираа дека е постигнат „некаков напредок“ за избирачкиот список и дека денеска би можело и да се очекува официјална изјава од преговарачките тимови.

Во меѓувреме во медиумите се појавија низа неофицијални информации и дилеми околу ставовите на преговарачките тимови за некои од трите прашања кои се предмет на разговор – избирачкиот список, функционирањето и надлежностите на ДИК и гласањето на дијаспората.

Во очекување на соопштението за договореното, еве кои се до сега познатите ставови на клучните играчи за овие три прашања:

1. Избирачки список

Според неофицијални информации најголем напредок работните групи постигнале во делот за Избирачкиот список и неговото прочистување.

Претставниците на политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино, брифираат дека се блиску до прифаќање на идејата за активна регистрација, што подразбира во предизборниот процес секој гласач да може самиот да се пријави за гласање, но дилемата е дали пријавувањето да биде задолжително.

  • СДСМ: За овој предлог опозицијата смета дека треба да има активна регистрација на граѓаните и дека таа треба да е задолжителна, односно да се направи нов избирачки список на кои гласачите сами ќе се регистрираат со отпечаток од прст, а на ист начин да се врши и гласањето.
  • ВМРО – ДПМНЕ: Како и опозицијата, така и власта смета дека треба да се направи нов избирачки список, но според владејачката партија, активната регистрација на гласачите не треба да биде задолжителна.

2. Дијаспора

Се уште нема никакви официјални информации околу тоа дали се договорени промени во начинот на гласањето на дијаспората. Според неофицијални информации од преговарачите, ако ВМРО-ДПМНЕ попушти и се согласи активната регистрација да биде задолжителна, големи се шансите начинот на кој гласа дијаспората да остане непроменет. Гласањето на дијаспората беше камен на сопнување и минатата година, кога се правеше нов Изборен законик. Но тогаш партиите одлучија да ја остават оваа точка за „подобри времиња“.

  • СДСМ: Како што неодамна изјави Радмила Шекеринска, заменик претседателка на партијата, опозицијата сака да се задржи гласањето на дијаспората, но да се почитуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР според кои секој глас мора еднакво да вреди, без разлика дали се гласа во Македонија или странство. Опозицијата најголеми забелешки има затоа што пратеник во дијаспората може да се стане само со неколку стотици гласа.
  • ВМРО-ДПМНЕ: Според партијата на власт, начинот на кој на претходните избори гласала дијаспората е добар и нема намера да отстапи од тоа. Според нив, опозицијата сака да се укине или промени начинот на гласање во дијаспората затоа што од таму не добивале ниту еден пратеник.

3. ДИК

Ниту една од политичките партии официјално се нема изјаснето околу ставовите за Државната изборна комисија. На некоја од наредните средби треба да се договори функционирањето и надлежностите на ДИК, како и тоа кој се може и ќе биде член во оваа комисија. Неофицијално, од СДСМ дознаваме дека опозицијата сака да биде побројна во оваа комисија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...