Ивермектинот се користи за лечење на разни болести кај луѓето, но нема медицински докази дека лечи рак

-

Ивермектинот е лек за паразити кој се користи кај животни и луѓе, а бил испитуван во борбата против одреден вид рак, но кај животните. Кај луѓето не се спроведени никакви клинички истражувања за тоа како овој лек би делувал врз ракот. Овој лек е одобрен од американската ФДА за употреба кај луѓе за лекување на различни паразитски инфекции, вклучувајќи паразитски црви, анкилостома и сл. Антивирусното дејство на ивермектин е докажано против широк спектар на РНК и ДНК вируси, на пример, денга, Зика, жолта треска и други. Денес, ивермектинот сè повеќе се користи ширум светот за борба против други болести кај луѓето, како што се стронгилоидоза, шуга, педикулоза, гнатостомијаза и мијаза. Но, ниту ФДА, ниту Светската здравствена организација не одобриле ивермектин за лекување на ракот, пишува Вистиномер во написот кој го пренесуваме во целост.

 

Вистиномер анализираше објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

„Еден од најпознатите светски глумци – Мел Гибсон за лекувањето на ракот со Ивермектин…!!!“

Објавата споделува видео од подкастот на Џо Роган со актерот Мел Гибсон во кој холивудската ѕвезда објави дека тројца негови блиски пријатели, кои се бореле со рак во четвртиот стадиум, доживеале извонредно закрепнување по употребата на лековите „ивермектин“ и „фенбендазол“ – кои вообичаено се користат за лекување на паразитски инфекции како кружни црви и црви.

Според Гибсон, сите тројца пријатели кои ги пробале овие лекови „немаат рак во моментов“. Тој категорично изјавува:

„Ова работи, функционира, човеку“.

Но, наспроти тврдењата на актерот, кој секако за овие наводи не приложи никакви докази, било да се медицински извештаи, изјави од лекари или од пациентите – неговите пријатели, фактите и лекарите велат дека ивермектинот и фенбендазолот не лечат рак.

Да напомнеме, ивермектин е лек против паразити кој се користи за лекување на паразитски болести. Тој е одобрен од ФДА за употреба кај луѓе за лекување на различни паразитски инфекции, вклучувајќи паразитски црви, анкилостома и сл. Ивермектинот може да се користи и како ефикасен третман за широк спектар на други состојби и како третман на онхоцерцијаза, интестинална стронгилоидаза и онхоцерцијаза или речно слепило.

Антивирусното дејство на ивермектин е докажано против широк спектар на РНК и ДНК вируси, на пример, денга, Зика, жолта треска и други.

Денес, ивермектинот се повеќе се користи ширум светот за борба против други болести кај луѓето, како што се стронгилоидоза (која заразува околу 35 милиони секоја година), шуга (која предизвикува 300 милиони случаи годишно), педикулоза, гнатостомијаза и мијаза. Се користи и против друга занемарена тропска болест, Лајшманиоза. Но, никаде не се спомнува дека лекот се користи во борбата против рак кај луѓето.

Вистиномер веќе има пишувано дека нема докази оти фенбендазол лекува рак кај луѓето

Имаше некои студии за потенцијалното потиснувачко дејство на фенбендазол врз клетките на ракот надвор од живите суштества и кај глувците. Се чини дека тоа го прави со запирање на правилниот раст на микротубулите во клетките на ракот, кои во суштина обезбедуваат структура на сите клетки.

Иако нормалните телесни клетки ги имаат овие микротубули, и клетките на ракот ги имаат и нивно насочување е веќе воспоставен метод за одобрени третмани за рак.

„Сепак, се чини дека немало никакви студии за фенбендазол како третман за рак кај луѓето. Додека студиите за лекови во клетките и животинските модели понекогаш може да изгледаат ветувачки, не знаеме дека нешто навистина ќе функционира (или е безбедно) додека не се тестира кај луѓе“, пишува сајтот за проверка на фактите Фулфакт.

Медицинска сестра специјалист за информации за рак во Cancer Research UK, Керолин Герати, во изјава за Фулфакт вели дека нема доволно докази дека фенбендазол може да излечи рак.

За тоа како се прошири лажната вест дека фенбендазол лечи рак, прочитајте тука.

Што се однесува до ивермектинот, тој особено стана актуелен за време на пандемијата на ковид-19 кога се промовираше како лек за борба против коронавирусот.

Но, Светската здравствена организација предупреди да не се користи „ивермектин“ за лекување на ковид-19 и посочи дека лекот треба „да се користи само во рамките на клиничките испитувања“.

Што се однесува до употребата на ивермектинот како лек против ракот, тој не лечи рак.

Д-р Сузан Арнолд, од Центарот за рак Марки во Кентаки, во изјава за Асошиејтед прес вели дека има претклинички студии кои истражуваат користење на ивермектин и слични лекови за забавување на растот на клетките на ракот во лаборатории, со некои интересни резултати. Таа, сепак, истакна дека таквите студии не се исти како докажување дека лековите делуваат кај луѓето.

„Не знам за извештаи за клинички испитувања кои дале успешни резултати кај луѓе со рак“, изјавила Арнолд.

Д-р Питер П. Ли, претседател на одделот за имуно-онкологија во сеопфатниот центар за рак „Сити оф хоуп“ (City of Hope) во Калифорнија, проучувал користење на ивермектин во комбинација со специфично антитело, наречено анти-PD1, за лекување на рак на дојка – со позитивни резултати кај глувци. Накратко, истражувањето ја проучува улогата на ивермектин во поттикнувањето смрт на канцерогените клетки и дозволувајќи им на Т-клетките да се инфилтрираат во туморите.

„Секако, сам по себе ивермектинот не е лек, па дури и ефикасен третман за рак на дојка, рекол Ли во едно интервју“, пренесува АП.

Ниту ФДА, ниту Светската здравствена организација не одобриле ивермектин за лекување на ракот.

Иако некои студии покажаа дека ивермектинот може да го забави растот на туморот во истражувачки услови, тој не е опширно проучуван кај луѓето. Во студиите, истражувачите напишаа дека треба да се направат повеќе истражувања за потенцијалната улога на лекот во лекувањето на ракот и како точно може да го инхибира растот на ракот.

„Дали телото може да толерира дози на лекот на доволно високо ниво за да делува е клучното прашање што истражувачите не го утврдиле“, се вели во една студија.

Ниту една од студиите не вклучува тестирање на лекот на луѓе, а авторите не тврделе дека лекот треба да ја замени хемотерапијата или други лекови за лекување на рак.

Од ова можеме да заклучиме дека ивермектинот е лек за паразити кој се користи кај животни и кај луѓе, а бил испитуван во борбата против одреден вид рак, но кај животни. Кај луѓето не се спроведени никакви клинички истражувања за тоа како овој лек би делувал врз ракот. Ивермектинот ниту една официјална медицинска институција не го утврдила или препорачала како лек за борба против ракот. Спротивните тврдења, како она во објавата што ја анализираме, се само шпекулации и базирани на рекла-кажала и поради тоа не треба да се земаат здраво за готово. Поради сето погоре, објавата ја оценуваме како невистина.

Владата ќе ги оценува медиумите и новинарите дали објавуваат позитивни, негативни или неутрални вести

Владата преку тендер бара фирма која ќе треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание, со претходен мониторинг на сите медиуми, вклучувајќи и онлајн и печатени медиуми, како и социјалните...

Новото аниме од серијалот Вичер насловено „The Witcher Sirens of the Deep“

Нетлфикс неодамна го издадоа новиот аниме серијал од универзумот на „The Witcher“ со наслов „The Witcher Sirens of the Deep“, коешто не се сложува целосно со приказните од книгите. Имено, анимето е...

Трошоците на градоначалниците од Полошкиот регион: Над 47 илјади евра за патни трошоци и службени патувања за само три години

Градоначалниците на општините од Полошкиот регион од 2022 до 2024 година за патни трошоци (гориво, патарини) и службени патувања потрошиле вкупно 2.946.717 денари или над 47 илјади евра. Порталб.мк преку Законот...

МВР го приведе, па го пушти на слобода насилникот кој крвнички тепаше жена

Откако стана вирално видеото на кое се гледа и слуша како маж на лајв стрим на ТикТок тепа жена, Министерството за внатрешни работи го приведе насилникот, за кој е потврдено дека...

Владата ќе ги оценува медиумите и новинарите дали објавуваат позитивни, негативни или неутрални вести

Владата преку тендер бара фирма која ќе треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание, со претходен мониторинг на сите медиуми, вклучувајќи и онлајн и печатени медиуми, како...