Фото: moakets на Pixabay

„Ивермектинот“ е антипаразитски лек со широк спектар на делување и неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор, без разлика дали станува збор за домашно лекување или за хоспитализација, нагласуваат од Министерството за здравство.

„Апелираме граѓаните на своја рака да не го пијат лекот „Ивермектин“, бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење и доколку постојат, во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи“, соопштија од Министерството.

Од таму информираат дека стручниот колегиум за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и ковид-19 центрите при интернистичкиот блок, изготвиле протокол за употребата на „Ивермектин“ кај пациенти со ковид-19, кој преку Лекарската комора вчера бил испратен до матичните лекари. До крајот на неделава Лекарска комора ќе организира и онлајн предавање за матичните лекари во целата земја за да се дообјаснат протоколите, а следната недела ќе има и онлајн дискусија со клиничките доктори во болниците за употребата на овој лек.

Министерството за здравство посочува дека „Ивермектинот“ не е на позитивната листа на лекови кои паѓаат на товар на ФЗО, а според решение на МАЛМЕД, лекот се издава исклучиво на розев рецепт.