Претседателот Ѓорге Иванов преку соопштение од неговиот кабинет вели дека најостро ги демантира лагите изнесени од премиерот Зоран Заев во интервјуто за грчката телевизија „ЕРТ“ дека тој ќе го поддржи Договорот со Грција.
„Премиерот Заев со своите променливи, контрадикторни и конфузни ставови продолжува да ја лаже и манипулира не само македонската, туку и грчката и меѓународната јавност. Членството на Македонија во Европската Унија и НАТО, не смеат да се злоупотребуваат за прифаќање на штетен Договор со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ“, велат од претседателскиот кабинет.
Од таму додаваат дека „Иванов не прифаќа Договор на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Македонија и потенцираат дека нема да го поколебаат никакви притисоци, уцени и закани.“
Заев во вчерашното интервју искажа уверување дека референдумот ќе биде успешен и дека ќе мора да го почитуваат сите институции во државата.
-Референдумското прашање кај нас ќе не стави сите политичари да ги послушаме граѓаните. Тоа значи и власта и позицијата, а и претседателот Иванов. Затоа што ние им служиме на граѓаните. Референдумот ќе биде успешен, јас сум сигурен и на тој начин ќе следуваат понатаму и уставните амандмани и потписот од претседателот на државата за да можеме после тоа да очекуваме и грчкиот парламент да го ратификува договорот – рече Заев.