По повод терористичките напади во Париз, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати сочувство до претседателот на Франција, Франсоа Оланд.

„Со шок, неверување и со чувство на огорченост ги примив потресните вести за терористичките напади во Париз и длабоко жалам за изгубените животи од варварскиот чин. Ова е напад не само против граѓаните на Париз, туку и против врвните европски и општочовечки вредности и принципи.

Господине Претседателе, додека Франција минува низ овие тешки моменти, врвен приоритет за целата меѓународна заедница треба да биде соработката и солидарноста во борбата против злото, а во одбрана на споделените демократски и цивилизациски вредности. Овој злосторнички чин нема да нè поколеба во одлучната борба против тероризмот. Нема да дозволиме терористите да го посеат семето на стравот, екстремизмот и на хаосот во Европа. Македонските граѓани, како и секогаш во историјата, ќе застанат зад слободољубивите граѓани на Франција во борбата против непријателите на мирот, слободата и на правдата.

Во овие тажни мигови за Вас и за граѓаните на Француската Република, дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија да упатам длабоко сочувство. Нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на настраданите и на повредените“, се вели во пораката на Иванов до Оланд.