fbpx

Иванов со честитка за 8 Септември

-

Претседателот Ѓорѓе Иванов, по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

„На 8 Септември 1991 година го остваривме вековниот стремеж за слободна и независна македонска држава. Гласајќи за независноста и за сувереноста на Република Македонија, им се оддолживме на нашите храбри предци и се обврзавме кон нашите потомци.
Слободата и независноста не ни беа подарени. Од првиот ден на независноста како држава, се соочувавме со двојните стандарди, со предизвикот да се движиме по необележан пат, каде за нас не важеле правилата на меѓународните односи и на меѓународното право. Но, не се откажувавме и не отстапивме од нашата праведна цел – да градиме безбедна и стабилна, демократска и развиена, европска и евроатлантска Македонија, отворена кон соседите и кон светот. Ја градиме Македонија како земја на социјална правда, солидарност и на напредок на личниот и на заедничкиот живот. Ја негуваме вековната традиција на соживот и на прифаќање и на почитување на различноста.
Покрај надворешните, се соочувавме и со внатрешни предизвици. Политичката криза нè потсети дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. Нè потсети на важноста на водење дијалог во институциите кои сами сме ги создале, а чии претставници демократски сме ги избрале. Ни останува преку дијалог и соработка да ја градиме довербата неопходна за остварување на споделените цели и визии. Бидејќи, само обединети и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни.
Денес, низ Република Македонија минува река од мигранти. Во трагичната сегашност на мигрантите го препознаваме нашето тажно минато. Додека сме хумани кон луѓето што бегаат од разрушените општества и од пропаднатите држави, да бидеме благодарни на она што го имаме – наша сопствена држава.
Чувањето на независноста е наша обврска, без оглед што носи времето. Ќе има и предизвици, но и нив сплотени ќе ги надминеме. Имаме енергија за многу нови потфати. Да ја направиме Македонија економски силна и развиена, држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство. Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво, за повеќе работни места и за поквалитетен живот во Македонија.
Тоа можеме да го оствариме само со единство и со одговорност, на кои нè потсетува и денешниот голем ден.
Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија!“, се вели во честитката.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...