fbpx

Иванов се сретна со катарскиот емир

-

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска при дводневната посета на Катар се сретна со катарскиот емир, шеик Тамим Бин Хамад ал Тани.

Иванов работната посета на Катар денеска ја почна со средба со катарскиот емир, прва по стапувањето на должноста на емирот Тамим Бин Хамад ал Тани, на која соговорниците изразиле заемно задоволство од подготвеноста за натамошен успешен развој на односите и на соработката меѓу двете држави.

Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата истакнал дека добрите политички односи, редовниот дијалог на највисоко ниво и солидната правна рамка создаваат услови за интензивирање на економската соработка и за катарски инвестиции во Република Македонија.

Во тој контекст, во наредниот период планирана е размена на официјални посети на највисоко ниво, а времето до нивната реализација ќе се искористи за натамошно унапредување на правната рамка и особено за изработка на конкретни економски проекти, за обезбедување катарски инвестиции.

Емирот Ал Тани истакнал дека катарските компании се подготвени за соработка со Република Македонија.

Во наредниот период, како што нагласил емирот Ал Тани, очекува да се интензивираат контактите на бизнис-ниво. Како области во кои постои интерес за инвестирање се посочени земјоделството, производството на храна, градежништвото, инфраструктурата, туризмот, недвижностите, телекомуникациите.

Претседателот Иванов го запознал емирот Ал Тани со поволниот инвестициски амбиент во Македонија, со состојбите во македонската економија, како и за оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и за економските резултати.

На средбата се разговарало и за соработката на мултилатерален план. Како што е наведено во соопштението од кабинетот на Иванов, договорено е да продолжи соработката и заемната поддршка во системот на Обединетите нации, особено во рамките на Алијансата на цивилизациите, каде Република Македонија и државата Катар имаат активна улога.

Емирот Ал Тани ја поздравил улогата на Република Македонија во рамките на Алијансата на цивилизациите.

– Македонскиот модел на почитување на различностите е исклучително позитивен пример, кој треба да се афирмира во рамките на оваа глобална иницијатива – посочил катарскиот емир на средбата.

Двајцата соговорници размениле информации и за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и на Блискиот Исток.

Претседателот Иванов упатил честитки за организацијата на Светското првенство во ракомет и на емирот Ал Тани му посакал успех на катарската репрезентација.

Претседателот на Република Македонија остварил средба и со шеикот Калифа бин Јасим ал Тани, претседател на катарската стопанска комора. На средбата биле разменети информации за можностите и за интересот за интензивирање на економската соработка. Иванов ги претставил поволностите што странските инвеститори ги имаат во Република Македонија. Претседателот на катарската стопанска комора, пак, ветил дека наскоро ќе испрати тим во Република Македонија за испитување на можностите за економска соработка и истакнал дека ги очекува заинтересираните македонски компании во Доха.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...