fbpx

Иванов: Прашањето за поканата на Македонија во НАТО од политичко, стана безбедносно

-

Прашањето за поканата на Македонија во НАТО беше политичко, но сега веќе станува безбедносно прашање, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, на отворањето на Конференција на началниците на генералштабовите на армиите од земјите-членки на Јадранската повелба и на САД, во Охрид.

Иванов потсети дека Јадранската повелба беше потпишана пред 12 години. Само пет години подоцна, на Самитот на НАТО во Букурешт, Повелбата беше ставена на тест и, за жал, потфрли во случајот со Македонија.

– НАТО сè уште го нема исполнето ветувањето дадено пред 12 години со формирањето на Јадранската повелба дека „Европа нема да биде вистински слободна сè додека целиот регион на Југоисточна Европа не е безбеден…, бидејќи Македонија и понатаму не е полноправна членка на Алијансата иако ги исполнува сите услови за тоа – нагласи претседателот Иванов.

Тој стави до знаење дека онаму каде што потфрли НАТО, не потфрли Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди дека грчката блокада на интеграцијата на Македонија е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземените обврски.

– Сепак, од објавувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата до денес, минаа речиси четири години и се одржаа два самита на НАТО, во Чикаго и во Кардиф. Грција имаше доволно време да се усогласи со обврските што произлегуваат од пресудата. НАТО и државите-членки имаа доволно шанси да ги ревидираат своите одлуки во согласност со меѓународното право. Како врховен командант на вооружените сили, можам да ви кажам дека критериумите и стандардите за членство ги исполнивме, а сепак останавме блокирани. Со 16 акциони плана за членство, девет ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, Армијата на Република Македонија стана најпроверувана армија во историјата на НАТО. Тоа за нас создава големи обврски без никакви привилегии. Ги браниме интересите на Алијансата, иако не сме во Алијансата. Време е и Алијансата да ги брани своите интереси со тоа што ќе ни го даде одамна заслуженото членство – рече Иванов.

Според Иванов, со самото тоа што не ја интегрира Македонија под својот безбедносен чадор, Алијансата прави стратегиска грешка и создава простор на помал отпор. Блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е школски пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот, додаде Иванов. Самитот во Варшава е можност НАТО и државите-членки да ја потврдат посветеноста кон меѓународното право, но и можност да го одбранат колективниот интерес на Алијансата и интересот на нашиот регион за поголема безбедност и стабилност.

Говорејќи за актуелната бегалска криза, претседателот Иванов рече дека е таа последица на разорените општества во кои нема услови за владеење на правото и почитување на основните човекови права и правото на човечко достоинство.

– Како последица, имаме нова преселба на народите кои бегаат од пропаднатите држави. Бегајќи од конфликтите и од хаосот, најголем дел од нив мирот и безбедноста ги бараат во Европа. Мигрантската криза нè потсети дека Балканот е европска артерија, клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и со Северна Африка. Мигрантската криза ја тестира принципиелноста на Европа. Сведоци сме дека Европската унија сè уште не е подготвена соодветно да одговори на предизвиците и на заканите – рече претседателот Иванов на 19. Конференција на началниците на генералштабови на армиите од земјите-членки на САД-Јадранската повелба, на која главна тема на расправа се „Здружени напори во постигнување на партнерските цели на НАТО и способности на силите“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...