fbpx

Иванов: Политичкиот воздух стана загаден и почна да нè задушува

-

Претседателот Ѓорге Иванов денешното годишно обраќање во Собранието го посвети на политичката криза во Македонија, предизвиците со кои се соочува светот, тероризмот, екстремизмот, бегалската и мигрантската криза.

Иванов рече дека оставаме година во која Македонија се соочи со огромни предизвици, како на глобален, така и на домашен план. Претседателот рече дека Македонија изминатата година се соочила со три закани, политичката криза, безбедносната закана и со мигрантската и бегалска криза.

Тој се задржа и на Договорот од Пржино, на условената препорака за Македонија од ЕУ и на членството на Македонија во НАТО.

Иванов рече дека во изминатите шест години во Македонија имаше три политички кризи, секоја подлабока од претходната. Тој потсети дека во неговиот минатогодишен говор рекол дека дијалогот треба да е клучниот збор во изминатава година, но според претседателот, тој изостанал, а политичкиот воздух станал толку загаден од сомнежи што почнал да го задушува македонското општество.

Тој додаде дека како претседател бил прозиван во јавноста, во медиумите, дека го нема меѓу граѓаните и дека не е активен, но напомена дека граѓаните треба да знаат дека расплетот на секоја политичка криза во изминатите шест години бил на негова иницијатива.

Според него, извештајот на ЕУ е објективен, дури и делот во кој се споменува политичката култура на поделеност, што е елегантно име за политичка некултура. Тој вели дека тоа е лекција како не треба да се однесуваат политичките партии. Според претседателот, како што отсуството на политички дијалог довело до политичка криза, така кризата ја отворила вратата за безбедносните закани.

– На 9 мај, мирниот живот на Куманово беше загрозен од насилни екстремисти и од терористи кои сакаа да го нарушат територијалниот интегритет и да ја дестабилизираат државата. Иако долго време предупредував на оваа опасност, ние бевме оставени сами на себе. Но и така, успеавме храбро и професионално си ја завршивме работата. Случајот во Куманово е школски пример за тоа како не треба да се однесуваат државите и службите во постигнувањето на регионалната безбедност. Куманово беше лекција за нас, но и за регионот – изјави Иванов.

За мигрантската и бегалска криза претседателот рече дека е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат државите и човештвото во последните 50 години. Според него, ЕУ беше затекната во случајот со мигрнатите, а Македонија ги сноси последиците од пропустите на Унијата.

– Мора да научиме дека кога партискиот и личниот интерес се над државниот, тогаш цената ја плаќаме сите. Ако сме меѓусебно разединети, непријателите полесно ќе се протнат меѓу нас, а од мигрантската и бегалска криза да научиме дека само кога постапуваме како суверена држава, нè почитуваат и ни оддаваат признание –вели Иванов.

Во годишното обраќање Иванов се задржа и на медиумите. Тој рече дека медиумите се совест во општеството и затоа треба да бидат најсилниот ревизор на работењето на институциите.

– Не смеете да дозволите да ви наметнуваат правила и стандарди, да бидете мегдан за партиски конфронтации и алатка за остварување нечии интереси. Не смеете да трпите какви било влијанија, како од политичарите, така и од другите моќници. Мора самите да се изборите за најдобрите решенија, кои ќе овозможат медиумите да си го вратат достоинството и угледот. Медиумите мора да се изборат за својата вистинска улога во општеството – рече Иванов.

Претседателот рече дека идната година ќе биде тест на кој треба да покажеме што сме научиле во изминатиот четврт век независност и демократија.

– Ве повикувам, по изборите, на 25-годишнината од независноста, да постигнеме обединување околу клучните стратегиски цели на државата. Да ги обновиме заветот и посветеноста кон европската и евроатлантската интеграција. Едногласно да ги обновиме декларациите за членство во Европската унија и во НАТО. Се разбира, валидноста на тие декларации нема да зависи само од тоа кој гласал за нив. Валидноста ќе зависи од самите избори. Бидејќи изборите ќе бидат најгласната декларација, најгласниот референдум за тоа каде сака да оди оваа држава. И притоа, не е само важно кој ќе биде избран во ова Собрание и кој ќе ја избере Владата, туку и како тоа ќе се спроведе. Бидејќи граѓаните на избори не кажуваат само кој да владее, туку и како да се владее. На овие избори, ние немаме право на грешка. Кога велам ние, мислам и на политичките партии, и на власта, и на опозицијата, и на медиумите, и на цивилното општество, и на институциите на државата. Ќе се следи секој чекор, ќе се одмерува секој збор. Мораме да се однесуваме одговорно и достоинствено. Но, не заради меѓународната заедница, заради Брисел и Европската унија, туку заради нашите граѓани – истакна Иванов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...