Претседателот Ѓорге Иванов, упати честитка до архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник Христово раѓање – Божиќ.

„Божјото поистоветување со луѓето преку Исус Христос е, воедно, и најсилната недвосмислена потврда на вроденото човеково достоинство и неотуѓивата вредност на секој човек, независно од етничката, јазичната, верската, социјалната припадност, независно од полот и возраста. Поради тоа, ние сме обврзани љубовта кон Бог да ја искажеме преку почитувањето на нашите ближни, семејства, соседи, сонародници и сограѓани. Денес, повеќе од кога било порано во Македонија ни е потребно одново да ја откриеме таа почит. Овој Божиќ е уште една можност за да си простиме, да се помириме и да се сплотиме околу трајните вредности. Ова е можност да градиме човечно, солидарно и праведно мултиетничко општество во кое ќе владеат праведни закони“, се вели меѓудругото во честитката на Иванов.