Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска, по повод 9 Мај – Денот на Европа и на победата над фашизмот, со одрен за заслуги ја одликуваше Македонската опера и балет.
Доделувањето на орденот се одржа во резиденцијата на претседателот на Водно, а одликувањето го прими директорот на МОБ, Игор Дурловски.
– Овој орден е признание за улогата што Македонската опера и балет ја има во победата на креативноста над деструктивноста и на музиката над тишината – истакна Иванов во своето обраќање по повод доделувањето на одликувањето.
Правејќи ретроспектива на развојот на Македонската опера и балет, од формирањето на оперскиот ансамбл во 1947 година и премиерата на „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи, Иванов истакна дека сето тоа зборува за младите, добронамерната помош и за самодовербата како столбови на кои беа изградени Македонската опера и балет, но и македонската државност.
– И денес, кога повторно сме сведоци на разни сомнежи во нашата државотворност, ние не треба да се обесхрабруваме. Сè додека идејата за слободата и за независноста на Македонија е во нашите срца, нема да потклекнеме и да се откажеме. Водени од овие три нешта, нашите уметници самоуверено ги почнаа и „Мајските оперски вечери“, кои годинава се одржуваат по 45. пат. Нашите уметници дебитираа на светските оперски и балетски сцени. Некои од нив станаа наши амбасадори на културата низ сите меридијани. Затоа, на овој свечен ден, 9 Мај, како претседател на Република Македонија имам чест на Македонската опера и балет да ѝ доделам Орден за заслуги за Македонија – рече Иванов, посакувајќи ѝ на МОБ сè повеќе распродадени концерти и во Македонија и во светот.
Инаку, директорот на МОБ, Игор Дурловски, беше еден од основачите и водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и на протестите што се одржуваат во Скопје и во други градови во земјата, против платформата на албанските партии и на кои се бара одржување на нови предвремени парламентарни избори. Протестите ескалираа на 27 април годинава, по изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, кога толпа демонстранти, меѓу кои и Дурловски, упаднаа во законодавниот дом. Во насилствата беа повредени пратеници и новинари и беше демолиран ентериерот на Собранието.