Претседателот Ѓорге Иванов на средбата со Метју Палмер, вршител на должноста заменик помошник државен секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија, потенцирал дека не го прифаќа Договорот постигнат помеѓу Македонија и Грција бидејќи со него се крши Уставот, законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси, информираат од претседателскиот кабинет.
На средбата било разговарано за актуелните политички состојби и за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство помеѓу Македонија и САД.
Иванов изразил очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Македонија, за добрососедските односи и регионалната соработка.
„Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија уште во 2008 година ги исполни условите за членство во НАТО и сите овие години активно придонесувајќи во НАТО мисиите, заедно со земјите-членки, Република Македонија го заслужува членството без дополнителни услови“, се вели во соопштението.
На средбата Иванов истакнал дека одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион е од клучно значење за целиот европски континент.