fbpx

Иванов: Македонија се соочува со сите ризици како другите земји во Европа

-

„Во Македонија ги има сите ризици што ги има во сите земји од нашето опкружување и во Европа. Постојат заканите, но ние успешно се справуваме со нив и превентивно и проактивно дејствуваме. Граѓаните треба да бидат спокојни затоа што нашите институции, во соработка со нивните партнерски служби, ги спречуваа сите ризици што постоеја досега“, изјави претседателот Ѓорге Иванов, по посетата на Агенција за разузнавање.

Запрашан дали е подобрена размената на сознанија и на информации со разузнавачките служби од други земји, во контекст на мигрантската криза, Иванов посочи дека по забелешката за соработката со разузнавачките служби во октомври лани, сега македонските безбедносни служби имаат пристап до базите на Фронтекс и на шенген-зоната.

– Немавме разбирање затоа што регулативата е таква што трети земји немаат пристап до тие бази и затоа ние реагиравме. Но, по мојата изјава, имаме раздвиженост меѓу партнерските служби. Доаѓаат, се интересираат, ги користат податоците. Очигледно, ќе излезе дека дел од тие напаѓачи што беа вклучени во Брисел, како и тие претходно во Париз, ја користеле и оваа рута – изјави Иванов.

Тој истакна дека постојано се посочувал хуманитарниот аспект на кризата, што е неопходно, но дека македонската дипломатија го истакнува безбедносниот аспект на кризата затоа што меѓу тие бегалци има и повратниците од боиштата во Сирија.

– Да не бидеме наивни. Само во Македонија имаме 72 повратници, лица кои учествувале на боиштата, отишле таму како екстремисти, а се вратиле како терористи. Шеесет проценти, односно преку 1.000 лица од Балканот, учествувале во Сирија и тие се вратени. Илјадници, односно до 3.000 има повратници на територија на ЕУ. Тие ги користеле овие рути на бегалците, меѓу нив се вратиле и еве што се случува сега – изјави Иванов.

За денешниот терористички акт во Брисел, претседателот Иванов подвлече дека такви настани ќе се случуваат.

– Службите мора да соработуваат и на безбедносен план да се разменуваат информациите. Да не робуваме на бирократски процедури, во смисла на тоа дека не сме биле во ЕУ, не сме имале право на пристап до базите. Ние тоа го нудиме за безбедноста на континентот и на другите земји во ЕУ, кои и во иднина ќе се соочуваат со терористички напади и со закани. Но, не само во Европа, ова е планетарен феномен – рече Иванов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Потпишан законот за забрана на ТикТок во САД, доколку апликацијата не биде продадена

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го потпиша законот со кој во САД се забранува апликацијата во кинеска сопственост ТикТок, доколку не се продаде на американска компанија во рок од...