Oдлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да не го довери мандатот на кандидатот на партиите што имаат мнозинство во Собранието, претставува директно кршење на Уставот и е пречекорување на неговите уставни овластувања, а спротивно на волјата на граѓаните, се вели во реакцијата на Хелсиншки комитет.

Според нив, оваа одлука истовремено е директно негирање на волјата на мнозинството граѓани за формирање мнозинска политичка влада, со 67 мандати во Собранието.

– Во својот говор претседателот не даде ниту еден уставно-правен аргумент за ваквата одлука. Напротив, обраќајќи се единствено на дел од македонскиот народ, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, и исклучувајќи ги сите други граѓани, припадници на малцински етнички заедници во државата, говореше за фиктивна повреда на унитарноста и на суверенитетот на државата, за заговори од странски држави и ја повика меѓународната заедница на  воздржување од наводно мешање во внатрешните работи на Македонија – се вели во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет изразуваат загриженост дека „со овој свој гест претседателот има намера да ја продлабочи политичката криза во државата, додавајќи и безбедносна и меѓуетничка опасна димензија“.

– Тоа би можело да произведе ситуација на темелна загрозеност на човековите права на сите граѓани во Македонија, во ситуација на длабока политичка и безбедносна криза. Од тие причини, Хелсиншкиот комитет повикува на отповикување на оваа одлука на претседателот, за брз излез од политичката криза и за влез во тешкиот реформски период кој ѝ претстои на Македонија – се додава во соопштението.