Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, им го честиташе Денот на наставата на турски јазик – 21 декември на сите припадниците на турската заедница во Македонија.
„Јазикот ја претставува душата на една нација. Во него е содржан кодот на идентитетот на еден народ. Можностa за образување, творење и за напредување на својот мајчин јазик е вредност која придонесува за развојот на културниот плурализам во земјава. Република Македонија е сплет на различни култури и религии, кои меѓукултурно нè поврзуваат и нè обединуваат. Почитувајќи ги традицијата и посветеноста за негување и за унапредување на меѓусебните односи во земјава, го одбележуваме празникот на турската заедница како ден кој сплотува и ги зацврстува меѓусебните односи“, се вели во честитката од македонскиот претседател.
Денот на наставата на турски јазик го честиташе и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
„Можноста за користиње на мајчиниот јазик е едно од најзначајните права, преку кои се овозможува создавање, чување и промоција на идентитетот на народите. Преку негувањето на своите основни обележја, турската заедница и турскиот јазик даваат значаен придонес во раскошниот мозаик на различни култури и традици што се негуваат во Република Македонија“, стои во честитката од Вељаноски.
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека денеска, 21 декември 2014 година (недела), Денот на наставата на турски јазик е неработен ден за граѓаните кои се припадници на турската заедница во Република Македонија.