Формирање влада без оправдан мандат е правно неиздржано, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за австрискиот весник „Винер цајтунг“.

– Таквата влада би била без легитимност од претседателот, односно без уставна основа. Тоа е само желба. Тоа е правно неиздржано. Таква влада нема да има легитимитет. Ова јасно е наведено во нашиот Устав. Согласно член 90 од Уставот, само претседателот на државата може да го определи мандатот за состав на влада. Во таков случај би имало две влади. Актуелната, која е техничка влада, и влада која што е без легитимност од претседателот, односно без уставна основа. Значи ќе влеземе во уште поголема криза – вели Иванов, одговарајќи на прашање за можноста за формирање влада без тој да го додели мандатот.

Тој истакнува дека од прогласувањето на независноста на Република Македонија, партијата која освојува најмногу пратенички места во парламентот го добивала мандатот за составување влада.

– По изборите на 11 декември, јас го сторив тоа што и јас и моите претходници секогаш сме го правеле, на победникот на изборите му се доделува мандатот за состав на влада. Но, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира коалиција со партиите на македонските Албанци, во предвидениот рок од 20 дена, согласно Уставот. Да бидам попрецизен, коалицијата, всушност, беше договорена. Но, во последниот час имаше телефонски повик и коалицијата се распадна – вели Иванов, притоа одбивајќи да прецизира кој бил јавувачот.

Тој вели дека и да се избере претседател на Собранието и СДСМ да постигне договор за коалиција за албанските партии, тој повторно ќе остане на ставот да не го додели мандатот поради тиранската платформа.

– Јас на таква коалиција нема да го дадам мандатот, и тоа од политички причини – вели Иванов.