fbpx

Иванов „ги искара“ институциите: Не може АРМ да ги извршува и задачите на ЦУК и ДЗС

-

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов во своето денешно обраќање на централната свеченост по повод Денот на Армијата, ги „искара“ надлежните институции од системот за управување со кризи и за заштита и спасување поради нивната реакција околу поплавите во Скопје и ставањето на поголем дел од товарот на Армијата и полицијата во справувањето со штетите.

Тој посочи дека ангажирањето на Армијата при елементарни непогоди не трајно решение и треба да биде исклучок, а не правило.

– Се создаде навика при речиси секоја елементарна непогода прво да се ангажира Армијата. Тоа е, секако, израз на доверба дека Армијата успешно ќе ја изврши дадената задача. Како врховен командант можам со гордост да кажам дека Армијата секогаш ја оправдала оваа доверба. Но, што зборува оваа практика за подготвеноста на другите надлежни институции? Постојаниот ангажман на Армијата при елементарните непогоди не е трајно решение. Употребата на Армијата за справување со елементарните непогоди треба да биде исклучок, а не правило. Но, по сè изгледа дека се дозволи исклучокот да стане правило – рече Иванов.

Претседателот упати повик до посочените институции да постапуваат во согласност со своите законски надлежности.

– Не може да се дозволи целиот товар во справувањето со елементарните непогоди да паѓа врз Армијата и полицијата, кога во исто време имаат распоредени сили за заштита на државната граница. Неодговорно е да се трошат ресурсите на Армијата за да се штедат сопствените ресурси. Катастрофалните поплави се отрезнувачка опомена. Опомена дека не е доволно само да ги санираме катастрофалните последици. Неопходно е да изградиме култура на отпорност кон ризиците од катастрофи. По оваа катастрофа во Скопје, ништо не смее да биде како порано. Не смееме да чекаме катастрофата да се случи за да дејствуваме реактивно. Мора да дејствуваме превентивно. Не можеме да си го дозволиме луксузот на пасивност. Неопходна е зголемена институционална соработка меѓу институциите на централно и локално ниво – посочи Иванов, кој информираше дека Армијата ангажирала над 2.600 припадници и над 200 моторни возила.

Иванов рече дека и покрај заслугите на Армијата постои „еден парадокс“, односно дека од година во година се повеќе се намалува буџетот за војската, а се „зголемуваат предизвиците“.

– Истакнувајќи ги овие заслуги, не можам, а да не посочам на еден парадокс што се случува во континуитет. Имено, колку повеќе се зголемуваат предизвиците, колку повеќе Армијата се ангажира, толку повеќе, од година во година, се намалува нејзиниот буџет. Притоа се очекува, со веќе намалениот буџет, Армијата de facto да ги извршува задачите на другите институции, вклучително и во справувањето со последиците од природните и од човекот предизвикани катастрофи. Во оваа пригода ќе го повторам она што го потенцирам неколку години наназад. Многу е важно да се води сметка за буџетот на Армијата и за животниот стандард на припадниците на Армијата. Бидејќи Армијата ја штити и границата, и сувереноста, и безбедноста и унитарноста на Република Македонија – рече Иванов во своето обраќање по повод Денот на АРМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...