Со Договорот од Преспа политичари, дипломати и бирократи ќе ги цензурираат учебниците што ги пишувате или од кои вие предавате, рече претседателот Ѓорге Иванов обраќајќи се пред професори и историчари на свеченото отворање на Првата национална конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“.
-Во член 8, точка 5 е предвидено формирање на ‘Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања’. Иако тој комитет би требалo да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак, симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави. Авторите на текстот на Договорот од Преспа, кои и да се тие, покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење на балканските идентитети. Искрено, не знам која од овие две алтернативи е полоша – рече претседателот.
Иванов ги спореди предизвиците на Самуиловата држава со предизвиците на современата македонска држава.
-Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација и погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја – вели Иванов.
Според Иванов, со договорот од Преспа се негира правото на самоопределување, се негира правото на слобода на мислење и изразување, гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.
-Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата, и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределувањето на македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија – додаде тој.