fbpx

Иванов до Жбогар: Ако по изборите не добиеме покана за членство, можна е нова криза

-

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, денеска при примањето на акредитивите, на евроамбасадорот Самуел Жбогар му посака успешно вршење на должноста и го увери дека ќе има добра соработка со македонските институции. Сепак, Иванов се осврна и на блокадата на македонските евроинтеграции, која придонесува за политичката нестабилност на Македонија.

– Секое понатамошно одолжување на овој процес, како и досега, сериозно ќе влијае на темпото на реформите, на нивото на политичка култура во државата и на културата на дијалог и на компромиси. Не станува збор за алиби со кое би се оправдале некои внатрешни состојби ‒ напротив, станува збор за реален факт со реални импликации. Постојаното одлагање на почетокот на пристапните преговори се покажа како контрапродуктивно. Во време на сериозни предизвици, како за Европа, така и за нашиот регион и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, а ние, подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа и на Европската Унија – рече Иванов.

Претседателот изрази надеж дека ЕУ ќе извлече поука од примерот со Македонија и оти и за Македонија ќе се примени принципот на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните разлики.

– Верувам дека Унијата, и покрај сите предизвици со кои се соочува, ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија. Во спротивно, доколку Македонија и по следните избори не добие датум и не ги почне пристапните преговори, прашање на време е кога ќе се соочиме со следна политичка криза. Во таков случај постои реална опасност од опаѓање на довербата и на поддршката од граѓаните, кои оправдано пристапниот процес и членството во ЕУ ги гледаат како фактори за подобра и просперитетна иднина – рече Иванов.

Според Иванов, блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот.

– Република Македонија исклучително одговорно и со сопствени сили одговори на предизвиците од бегалската и од мигрантска криза. Досега повеќепати имам изнесено и повторно ќе нагласам дека не сум задоволен од односот на ЕУ кон Република Македонија во поглед на справувањето со предизвиците што произлегуваат од актуелната криза со бегалците. Имавме разумни барања, поврзани со безбедносниот аспект на бегалската криза, кои значително ќе придонесеа кон безбедноста во Европа. За жал, нашите барања долго време беа игнорирани. Се надеваме дека ова нема да биде практика, туку исклучок, затоа што Македонија покажа дека може да биде одговорен партнер на меѓународната заедница – рече Иванов.

Тој истакна дека Македонија ќе продолжи со спроведувањето на сите неопходни реформски процеси и дека очекува Европската Унија, не само декларативно, туку со конкретни чекори да ги охрабри напорите на земјата на патот кон ЕУ.

Жбогар, од друга страна, рече дека Брисел очекува политичката криза да се надмине и земјата да се врати на евроатлантскиот пат.

– ЕУ со нетрпение очекува да се надмине долгорочната политичка криза преку Договорот од Пржино, посредуван од ЕУ и од САД и прифатен од главните политички партии, со јасни насоки во тој правец за одговорност и за ставање на прво место на интересите на земјата. Тие насоки се клучни не само за имплементација на овој договор, туку и за имплементирање на неопходните реформи за подобра иднина на вашите граѓани – рече Жбогар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...