Ива од Скопје една од наградените млади автори на Европските денови на културно наследство

Четиринаесетгодишната Ива Ангеловска од Скопје е една од десетте млади автори наградени на повикот на Европските денови на културното наследство насловен „Европска недела на креатори на културно наследство“. Нејзината фотографија беше селектирана помеѓу стотиците креации на млади луѓе од дванаесет европски земји.

Наградената фотографија има наслов „Трагедијата го запира времето. Хуманоста го придвижува“.

Нa фотографијата e претставена Старата железничка станица во Скопје, како сведоштво за големата трагедија што го снајде овој град – катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Фотографијата е проследена со сторијата на Ива за невидената хуманост и солидарност на луѓето од целиот свет и нивната несебична помош во повторната изградба на нашиот главен град.

Во координација на Музејот на Македонија, нашата земја учествува во овој значаен проект на Европските денови на културното наследство, чијашто цел е да им се даде вистински и значаен глас на децата и младите луѓе и на тој начин да се откријат и поттикнат идните творци на културно наследство во Европа. Како мотивација за нивниот понатамошен интерес за наследството, за авторите на селектираните креации беше организирана посета на Стразбур, која што се одржа од 1 до 3 декември 2019 година, информираат од Музејот.