Италијанските медиуми ќе добиваат надомест од „Гугл“

Photo by Solen Feyissa on Unsplash

„Гугл“ соопшти дека ги потпишал првите договори за лиценца со италијанските медиуми, со цел плаќање надоместоци за издавачите, согласно законот утврден со европска директива од пред две години, а што е слична на авторските права.

Отсега па натаму италијанските издавачи ќе имаат пристап до „Гугл Њуз Шоукејс“ (Google News Showcase), програма на „Гугл“ што беше промовирана минатата година, со која на медиумите им се плаќа за збогатен избор на содржини.

„Овие договори претставуваат важен чекор и потврда на посветеноста на „Гугл“ кон италијанските издавачи“, изјави Фабио Вакароно, извршен директор на италијанската подружница на „Гугл“.

Меѓу потписниците на договорот се италијанските издавачи „RCS MediaGroup“, „Il Sole 24 Ore“, Групацијата „Monrif“, „Caltagirone Editore“, „Il Fatto Quotidiano“, „Libero“, „Il Foglio“, „Il Giornale“, „Il Tempo“, „Ciaopeople“,„ Edinet“, Групацијата „Corriere“, „Citynews“ и „Varese Web“.

Гугл во октомври минатата година информираше дека планира да им исплати милијарда долари на издавачите на глобално ниво за нивните новини во текот на следните три години што ќе започне најпрво во Германија, потоа во Белгија, Индија, Холандија и други земји.

Властите ширум светот воведуваат правила со кои се бара од Гугл, Фејсбук и други да делат приходи со издавачите, согласно директивата од 2019 година од Брисел, со која земјите од Европската унија треба да ја донесат во сила до јуни.