Италија победи на 65. издание на „Евровизија“

Евровизија 2021 победници
фото: EBU / ANDRES PUTTING

Рок бендот „Манескин“ ја обезбеди победата за Италија на годинешниот избор за песна на „Евровизија“ кој се одржа во арената „Ахој“ во Ротердам, Холандија. Со енергичната изведба на песната „Тивко и добро“ (Zitti E Buoni), четиричлениот бенд собра вкупно 524 поени од публиката и стручното жири, кои беа доволни за Италија да се најде на врвот на табелата, веднаш пред Франција и Швајцарија.

„Рокенролот никогаш не умира“, извика Дамиано Давид, предводникот на бендот, пред уште еднаш да ја изведат својата победничка песна на крајот од вечерта.

Ова е трета победа за Италија на неизмерно популарната „Евровизија“, а последен пат оваа земја победата ја однесе пред три децении – во 1990 година. Годинава Италија важеше за најголем фаворит и во обложувалниците.

Во грандиозното евровизиско финале се претставија 26 земји, кои се бореа за победничката титула и правото да бидат домаќини на следната „Евровизија“, а на сцената можеа да се видат шаренило од музички стилови, костимографии и атрактивни сценски настапи.

Најмногу гласови од националните стручни жирија на 39-те земји учеснички доби Швајцарија, но пристигнатите гласови од публиката предизвикаа пресврт во корист на Италија.

На крајот од вечерта, на дното на табелата без поени остана Велика Британија, која не доби ниту еден поен од националните стручни жирија, ниту пак од публиката преку телевоутингот. За првпат во историјата на „Евровизија“, нула поени од публиката добија и директно пласираните финалисти Германија, Шпанија и домаќинот Холандија.

Македонската публика и националното стручно жири беа едногласни при бодувањето – највисоките 12 поени ѝ беа доделени на Србија и претставничките „Харикејн“.

Евровизија 2021
Конечни резултати од гласањето на публиката и стучните жирија / фото: принтскрин од видео / Eurovision Song Contest

Годинава се одржа 65. издание на „Евровизија“ во градот Ротердам, откако минатогодишниот избор беше откажан поради пандемијата на корона вирус.

На изборот годинава учествуваа вкупно 39 земји или две помалку од претходното издание, откако Арменија го откажа учеството поради кризата во земјата предизвикана со војната со Азербејџан околу спорната територија Нагорно-Карабах кон крајот на минатата година, додека Белорусија беше дисквалификувана поради „политичкиот призвук на песната“.

Годинава беше намалена и публиката која го следеше натпреварот во живо во арената „Ахој“, чиј број беше редуциран на 3.500 гледачи.

Евровизиската вечер беше еден од најголемите организирани настани во западна Европа од почетокот на пандемијата со корона вирус. Организаторите соопштија дека во текот на неколкунеделната подготовка и организација, на фановите, изведувачите и персоналот им биле направени повеќе од 53.000 ковид-19 тестови.