Истражување: Оваа учебна година онлајн наставата многу подобро организирана во споредба со лани

Фото: Marc Thele from Pixabay

Родителите, децата и наставниците сметаат дека оваа учебна година (2020/2021) наставата на далечина била многу подобро организирана во споредба со второто полугодие од минатата учебна година (2019/2020). Техничките потешкотии биле надминати, а исто така наставата се организирала според распоред на часови и биле исполнети целите на наставната програма.

Ова го покажува истражувањето направено од „Реактор“ по нарачка на УНИЦЕФ, а поддржано од амбасадата на Велика Британија.

Истражувањето покажува дека 93 проценти од директорите на училиштата сметаат дека оваа година добиваат многу јасни или доволно јасни насоки од Министерството за образование и наука за организација на наставата за учење од далечина во споредба со 70 отсто кои истото го тврделе минатата година кога е спроведен првиот бран од ова истражување.

Дури 99 отсто од наставниците опфатени во истражувањето потврдиле дека наставата редовно се одржувала според распоредот на часови, што претставува голем скок бидејќи само 60 отсто во претходното истражување спроведено во учебната 2019/20 го потврдиле истото. Овој податок бил потврден и од страна на учениците, односно сите анкетирани ученици, односно 100 отсто потврдиле дека оваа година онлајн наставата се реализирала според распоредот на часовите, додека само 23 отсто одговориле вака во првото истражување минатата учебна година.

Мнозинството од директори 87 проценти одговориле дека имаат деца кои немаат компјутери преку кои би ја следеле наставата, а 58 проценти од нив одговориле дека им обезбедиле техничка опрема. Оние кои биле без компјутери, им биле испраќани материјали дома.

Во истражувањето загрижува податокот што 77 отсто од наставниците во учебната 2019/2020 година, и 63 отсто во 2020/2021 изјавиле дека не успеале да остварат контакт со сите ученции.

На овој начин, како што беше истакнато во презентацијата на истражувањето, се создава простор за формирање на дупки во знаењето на учениците, испуштање на лекции кои се клучни за една континуирана надоградба. Оттука, беше посочена и важноста да се направи една дијагностичка проверка на знаењата на учениците со можност за организирање на дополнителна настава и надоместување на изгубеното знаење.

Она што исто така беше истакнато како загрижувачко во истражувањето, е тоа што, децата кои учеле на далечина, не добиле никаква психо-социјална поддршка од страна на стручните служби во училиштата, како што се педагози и психолози. А токму таа поддршка била клучна во периодот на пандемијата, како дел од целокупниот развој на учениците. Оваа психо-социјална поддршка, учениците кои посетувале физичка настава, најмногу ја добивале од нивните наставници, а многу помалку од директорите или стручните служби.

Директорот на Бирото за развој на образованието Зеќирија Хасипи рече дека за време на летото ќе се направи проценка на евентуалните загуби во знаењето кај учениците и тоа да се надомести преку организирање на дополнителна настава. Хасипи исто така најави дека ќе се разгледува административната оптовареност на стручните служби во училиштата, кои најголем дел од своето работно време работат администрација.

Фото: Принтскрин

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј истакна дека платформата „Едуино“ која беше креирана со помош на амбасадата на Обединетото Кралство овозможила премостување на празнините во образовниот процес, кои произлегоа од затворањето на училиштата. Според Галовеј, од пандемијата и организацијата на онлајн наставата може да се извлече поука кои се предизвиците и како да се создаде подобра околина за учење.

Претставничка на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани ја истакна важноста од отворање на училиштата и физичката присутност на учениците за време на образованието, бидејќи резултатите покажуваат дека дел од учениците не успевале да научат и да стапат во контакт со наставниците. Според нејзе, најдобри резултати дава комбинацијата на искористување на дигиталните ресурси и физичкото присуство на учениците, за што треба да се обезбедат безбедни услови за нивно присуство.

Во истражувањето, исто така беше истакнато дека најголемите тешкотии со кои директорите на основните училишта се соочувале кога требало да биде обезбедено настава со физичко присуство на децата е обезбедувањето на заштитна опрема, простории, како и техничка опрема. Како проблем бил истакнат и двојниот број на часови и обезбедување на превоз на учениците. 88 проценти од наставниците изјавиле дека децата од 1 до 3 одделение целосно ги почитувале протоколите за заштита од ковид-19.

Родителите чии што деца се со посебни образовни потреби во оваа учебна година истакнале дека физичката настава била поорганизирана, како и превозот и обезбедената обарзовна асистенција за разлика од учебната 2019/2020 година.

Децата и оваа учебна година како и ланската најголем дел од домашните работи ги фотографирале и ги испраќале на наставниците, што според истражувачите, не се користат доволно можностите на платформите.

Пристапот на наставниците до компјутери и интернет годинава бил поголем за разлика од лани, а наставата ја држеле главно од дома во договор со директорите, поради технички пречки во училиштата, недоволно компјутери и недоволен пристап до интернет.

Како забелешки кои ги посочиле наставниците е тоа што, учениците не работеле самостојно и имале помош од родителите кога имало проверка на знаењето и при оценувањето.Наставниците исто така истакнале дека нивната приватност била нарушена, бидејќи чувствувале дека биле проценувани од страна на родители, баби, дедовци, имало поголема публика во нивните домови. Наставниците изјавиле дека некогаш биле сведоци на приватниот живот на учениците.

Претседателката на „Реактор“, Тања Иванова потенцираше дека треба да се земе предвид дека ова истражување е правено онлајн односно одговорите се добиени од страна на родители кои имаат пристапи до компјутери и Интернет и податоци не се добиени од маргинализирани ученици односно оние кои немаат пристап до компјутери или Интернет. Таа уште еднаш ја потенцираше важноста од дијагностичко оценување и дополнителна настава, за децата да не останат без клучните знаења.

Во истражувањето учествувале 2.792 наставници, 1.793 родители, 111 директори на основни и средни училишта и 115 ученици.