Фото: Википедија, Автор: NIAID-RML

Заедничкото истражување на Светската здравствена организација (СЗО) и Кина за потеклото на ковид-19 од Вухан покажа дека е „многу неверојатно“ вирусот да се појавил од лабораторија, а најверојатното од четирите сценарија што ги евалуирале истражувачите е дека вирусот SARS-CoV-2 што ја предизвикува болеста ковид-19 се пренел од лилјаците на луѓето преку друго животно, известува новинската агенција „Асошиејтед прес“ која што имала увид во нацрт-извештајот на тимот од СЗО којшто го вршеше истражувањето во Вухан, пренесува Јуроњуз.

Сепак, американскиот весник „Волстрит џурнал“, којшто исто така имал увид во извештајот на СЗО од 319 страници, пишува дека тимот на СЗО констатирал дека податоците испитани за време на нивната мисија во Вухан, Кина се недоволни за да одговорат на клучните прашања „кога“, „каде“ и „како“ корона вирусот започнал да се шири.

„Извештајот на тимот на СЗО повикува на подлабинско истражување на записите од кинеските болници и примероците на крв што се земени од болните лица пред првите познати случаи на заразени лица со корона вирус во декември 2019 година во Кина. Исто така, во документот стои дека неопходно е подетално тестирање на фармите што го снабдувале со диви животни пазарот во градот Вухан, којшто е поврзан со појавување на првите случаи на заболени лица од ковид-19“, пишува Вол стрит џурнал.

Воедно, во документот се препорачува изработка на натамошни студии засновани на докази за тврдењата што се често цитирани од кинеските власти, дека вирусот можеби циркулирал и во други земји, вклучувајќи ги и САД, кон крајот на 2019 година, и дека се ширел преку замрзната храна.

Според пишувањето на Асошиејтед прес, во документот се наведува дека ширењето на корона вирусот преку замрзнати производи е можно, но не е веројатно сценарио за потеклото на вирусот.

Сепак, треба да се напомене дека тимот на Светската здравствена организација во неговата мисија во времетраење од 4 недели во Кина имал мала моќ за да спроведе темелна, независна истрага, поаѓајќи од фактот дека кинеските власти воведоа строги ограничувања преку обезбеденото право на вето врз учесниците во мисијата, пишува „Волстрит џурнал“.