fbpx

Истражување на НДИ: Граѓаните загрижени за високите цени и ниските плати, ќе ги поддржат партиите кои ќе ја подобрат економијата

Позагрижувачки е податокот дека над половина од потрошувачите не им веруваат на давателите на услуги, ниту на судството во случај на спор околу трансакција со компанија

-

Економските прашања се сè поважни за граѓаните на Северна Македонија поради инфлацијата и зголемените трошоци за електрична енергија, покажува новото истражување на јавното мислење кое од 13-24 април го спроведе Националниот демократски институт (НДИ).

Педесет и осум проценти од анкетираните граѓани се многу загрижени за намалениот животен стандард, ниските плати и ниските пензии. Четири од десет испитаници трошат најголем дел од семејниот буџет (над 60 проценти) на храна.

Речиси половина од населението (48 проценти) велат дека често или повремено имаат тешкотии да ги платат сметките на крајот од месецот, при што граѓаните со понизок социо-економски статус (89 проценти) и оние кои живееат во рурални населени места (53 проценти) имаат поголеми потешкотии да ги покријат трошоците за живот.

Фото: НДИ

Испитаниците се песимисти за иднината, речиси 40 проценти веруваат дека економската состојба, животниот стандард и висината на платите и пензиите ќе се влошат во наредните 12 месеци. Седум од десет анкетирани граѓани (71 проценти) ги поддржуваат партиите кои имаат дефиниран план за подобрување на економската состојба.

„Граѓаните на Северна Македонија се загрижени за намалениот квалитет на живот“, рече Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ во Северна Македонија, „а мнозинството граѓани ќе ги поддржат политичките партии кои имаат економски план што ќе помогне да се подобри животниот стандард и да се понудат економски можности“.

Речиси една третина од граѓаните (28,7 проценти) сметаат дека намалувањето на вкупната потрошувачка е решение за надминување на сегашната економска криза. Покрај тоа, огромно мнозинство граѓани (91 процент) сметаат дека зголемувањето на цените е најголемата закана за нивната финансиска состојба и предлагаат владата да даде приоритет на „ценовната стабилност“.

Фото: НДИ

Граѓаните ги поддржуваат владините одлуки за зголемување на минималната нето плата (72 проценти), замрзнување на цените (речиси 83 проценти) и ограничување на профитот на основните прехранбени производи (68 проценти). Мнозинството граѓани (67 проценти) сметаат дека владата треба да продолжи со субвенциите за прехранбените производи и сметките за електрична енергија (48 проценти) како ефикасна мерка за ублажување на негативните ефекти од кризата.

Неодамнешната антикризна кампања се смета дека има ограничен досег бидејќи значителен дел од граѓаните (39 проценти) не се информирани за повеќето од мерките, особено граѓаните со понизок социо-економски статус. Додека повеќе од една третина од потрошувачите (38,7 проценти) не се запознаени со нивните права како потрошувачи, 56 проценти не се свесни дека постојат програми за заштита на потрошувачите.

Позагрижувачки е податокот дека над половина од потрошувачите (54 проценти) не им веруваат на давателите на услуги, ниту на судството (71 проценти) во случај на спор околу трансакција со компанија.

ВМРО-ДПМНЕ во водство пред СДСМ на анкетата

На спроведеното истражување на НДИ, на прашањето доколку утре се одржат парламентарни избори, колку е веројатноста дека ќе излезете на гласање, 71 отсто од испитаниците рекле дека ќе излезат на гласање, додека 23 отсто одговориле дека не би гласале.

На прашањето „За кого ќе гласате доколку утре се одржат парламентарни избори?“, 21,5 проценти од испитаниците одговориле за ВМРО-ДПМНЕ, 13,9 проценти за СДСМ, 6,2 проценти за ДУИ, 3,6 проценти за БЕСА, 3,4 проценти за Алијанса за Албанците, 2,9 проценти за Левица и 1,7 проценти за Движењето на Максим Димитриевски. Другите политички партии би добиле поддршка од 1,1 проценти од гласачите. 18,3 проценти од испитаниците рекле дека се немаат одлучено за кого ќе гласаат, а 8,5 проценти одбиле да одговорат на ова прашање.

Станува збор зационално репрезентативно теренско истражување што е спроведено лице-в-лице, нарачано од НДИ и е со маргина на грешка +/-3,09 процентни поени на 95% ниво на доверба, големина на примерок од 1.003 испитаници на возраст од над 18 години. Истражувањето на јавното мислење беше спроведено од ТИМ Институт и финансирано од Националната фондација за демократија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинците не си ја продале православната вера, таа е доминантна во Украина

Високи 72 отсто од Украинците се декларираат како православни христијани од кои 54 отсто се приврзаници на автокефалната православна црква на Украина, 14 отсто се идентификувале како православни христијани...