Студентски дом Кузман Јосифовски - Питу во Скопје | Фото: Арбнора Мемети

Како живеат станарите во студентските домови, колку се задоволни од квалитетот на животот и дали препознаваат, односно знаат каде да пријават корупција. Одговорите на овие прашања беа во фокусот на истражувањето „За станарските работи – Истражување за животниот стандард на станарите во државните студентски домови: „Браќа Миладиновци“–Штип, „Кочо Рацин“–Битола и „Пелагонија“–Скопје, кое во текот на 2020 година го спроведе Младинскиот образовен форум, МОФ.

Испитаниците  со просечна оценка 3 го оценија квалитетот на живот во студентските домови, а недостатокот од спортски и културни активности сеуште се провлекува како проблем во живеењето во студентските домови и значително влијае на перцепцијата на квалитетот на живот во домовите.

Станарите оцениле дека се недоволно активни за соработка и унапредување на животот во рамки на домовите и повторно се посочил недостигот од финансиски средства, особено за подобрување на инфраструктурата и креирање на заеднички простори за станарите. Мнозинството рекле дека никогаш не биле вклучени во носење одлуки, немаат верба дека можат да променат нешто кога би соработувале со раководствата на домовите, а дел од нив рекле дека немаат доволно време или пак воопшто не се информирани за процесите на студентско учество.

„Оттука, 69 отсто од станарите во „Кочо Рацин“ во Штип, 91 отсто од „Браќа Миладиновци“ во Битола и 96 отсто од „Пелагонија“ во Скопје никогаш не се вклучиле во носење одлука во рамки на домот. Над 30 отсто од испитаниците изјавија дека имале искуство со корупција или искуство од „втора рака“, но за жал најголем број од оние кои учествуваа во теренското истражување, споделија дека тоа не би пријавиле на надлежните органи за да не си отворат проблеми. Дополнително, тие не знаат каде или како да постапат кога би се информирале за коруптивни дејствија“, покажува истражувањето на МОФ.

Соња Карапец, директорката на „Браќа Миладиновци“ сподели дека станарите не треба да организираат само годишни настани, туку треба што е можно поголема директна комуникација со станарите на редовно ниво. Директорот на „Кочо Рацин“ – Митко Наковски, како и раководителката на одделение на студентскиот дом „Пелагонија“ – Јулијана Атанасовска посочија дека ова е корисно истражување кои помага во утврдувањето на насоката за понатамошната работа на Домовите“, стои во соопштението од МОФ.

Ова истражување е дел од проектот: „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ спроведуван од МОФ, МКЦ – Битола, МЕЛЕЕМ и ЛЕГАЛ Тинк, а финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.