Истражување на Метаморфозис: Наставниците се соочуваат со повеќе проблеми во онлајн наставата

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Ситуацијата со техничките помагала, пред сè лаптопи и компјутери, неопходни за одржување на задолжителната онлајн настава се главниот проблем кој се јавува и пред почетокот на новата учебна 2020/21 година. Речиси половина од учесниците (44,5 проценти) изјавиле дека во училиштето, за службени потреби, користат сопствен лаптоп. Додека пак, наставниот кадар, во најголемиот број случаи (84,9 отсто), за службена комуникација користи приватни имејл адреси, што е проблематично од повеќе аспекти, особено од аспект на заштитата на личните податоци на учениците, кои во текот на основното образование се малолетни лица. Ова го покажува истражувањето „Состојбите и предизвиците за спроведување онлајн настава во основните училишта“ на Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис.

Податоците се прибирани во две фази: анонимна онлајн анкета, спроведена во периодот од 26 јуни до 15 јули 2020 година, наменета за наставниот кадар, менаџментот и стручните служби од основните училишта во Република Северна Македoнија, и три одделни фокус-групи, во периодот 26-27 август 2020 година, со наставниот кадар, менаџментот и со родителите на учениците од основното образование. Целта на истражувањето е да се утврдат состојбите и предизвиците на онлајн наставата во основните училишта во РСМ во периодот март-јуни 2020 година.

Истражувањето покажува дека речиси една третина од наставниот кадар (31,6 проценти) интернет на училиште има само на својот мобилен телефон. Исто така, резултатите покажуваат дека голем број наставнички и наставници во наставниот процес реализиран онлајн се соочиле со предизвици од административна природа, како што е недостигот на јасни насоки за водење електронско портфолио (82,4 проценти) и, особено, јасни насоки за процесот на оценување (85 проценти).

Речиси сите учесници во истражувањето (88,9 отсто) се согласни во врска со тоа дека за успешно спроведување на ефикасна онлајн настава треба да се променат вообичаените методи во наставниот процес. Значителен број (30 проценти) сметаат дека подобра варијанта од „една платформа за сите“ би било кога училиштата би имале одредена слобода при изборот на платформите и софтверите преку кои ќе се спроведува онлајн наставата за нивните ученици.

Со ставот „Во наставата има задоволителна застапеност на материјали на сите јазици на кои се спроведува наставата“ се согласуваат 45 проценти од испитаниците, додека 70 проценти од наставниците кои ја спроведуваат наставата на друг јазик (различен од македонскиот), не се согласуваат со овој став.

Во однос на учебниците и другите образовни ресурси, речиси сите учесници (93,9 отсто) се согласуваат со ставот дека за успешна онлајн настава е потребно целосно или делумно адаптирање на учебниците.

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Отворени образовни ресурси“, со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.