Пестициди во почвите во Преспа и фекални бактерии во нивите покрај Вардар, покажуваат истражувањата на Македонското еколошко друштво. Во рамките на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ студенти, во соработка со домашни институции утврдија дека дивиот растителен свет во Преспа е контаминиран со 19 различни пестициди, најмногу во околината на Претор и Ресен. Од друга страна, истражувања покажуваат дека голема човекова активност придонесува за загадување со фекални и индикаторни бактерии на реката Вардар, што пак влијае на присуство на психрофилни и мезофилни бактерии, колиформни бактерии, ентерококи и ешерихија коли во почвите во близина на реката.
Како што информираат од Македонското еколошко друштво тим на истражувачи од Фармацевтскиот факултет во Скопје, предводен од студентката Јована Данова и под менторство на проф. д-р Крсте Ташев, реализираа истражување со цел да одговорат на прашањето дали постои секундарна контаминација со пестициди на диворастечката флора во Преспанскиот регион, вклучувајќи го и островот Голем Град.
Истражувањето беше спроведено во две временски фази – во пролет и есен, при што беа собрани примероци од различни локации околу Преспанското Езеро со различна оддалеченост од земјоделски насади.
Анализите покажаа дека во Преспа постои секундарна контаминација, а притоа беа идентификувани вкупно 19 различни пестициди во двата периоди на годината. Во најголема концентрација се издвојуваат ацетамиприд, пириметанил и пираклостробин, кои се јавуваат и во двата периоди од годината
„Во пролет беа идентификувани 10 пестициди, а во есен 12 пестициди. Најмногу пестициди беа пронајдени во примероците од околината на Претор и Ресен. Кај примероците од Крани беа детектирани пестициди во текот на пролетта, но истите отсуствуваа во есенските анализи, додека пак обратната ситуација беше детектирана кај примероците од Стење. Меѓутоа, важно е да се забележи дека кај примероците од крајбрежјето во близина на Стење, како и кај оние од островот Голем Град, не беше детектирано присуство на траги од пестициди ниту во пролет, ниту во есен“, велат од МЕД.
Во истражувањето на студентот Христо Димитриевски на микробиолошкиот диверзитет долж течението на реката Вардар за фокусот беше ставен на утврдување на присуството и преносот на фекални и индикаторни бактерии од реката кон околните почви, со цел да се процени потенцијалниот ризик за безбедноста на храната и јавното здравје. Од МЕД посочуваат дека постои јасна поврзаност помеѓу микробиолошката разновидност во водените и почвените екосистеми на реката Вардар и човековата активност, која се одразува преку зголемено присуство на бактерии.
„Податоците јасно покажаа дека концентрацијата на психрофилни и мезофилни бактерии, колиформни бактерии, ентерококи и ешерихија коли постепено се зголемува од изворот на реката Вардар кај Вруток кон пониските делови од течението во Скопје, Велес и Валандово. Истите бактерии беа детектирани и во почвите во непосредна близина на реката, особено во Валандовскиот регион, што јасно укажува дека фекалното загадување на речната вода може директно да влијае врз здравјето на почвениот микробиолошки екосистем. Импликациите од овие податоци се од исклучителна важност, бидејќи укажуваат на очигледна закана за безбедноста на храната и јавното здравје“, посочуваат од МЕД.
