Истражување на „Мајкрософт“ покажало дека работниците се надеваат на далечинска работа и после пандемијата

Далечинско работење
фото: Soundtrap / Unsplash

Дури 73 отсто од работниците што работат од дома се надеваат дека далечинското работење ќе продолжи да биде опција и по завршувањето на пандемијата, покажала анкетата што „Мајкрософт“ ја спроведе на почетокот од годинава. Во годишниот извештај насловен „Индекс на работниот тренд“ е наведено – речиси 40 отсто од анкетираните одговориле дека сега чувствуваат оти можат целосно да се посветат на работата во споредба со периодот пред пандемијата.

Дури и помладите работници, припадници на т.н. „Генерација Зи“ рекле дека е поверојатно да аплицираат за работа која нуди опција за извршување на обврските од далечина, наместо да работат во канцеларија.

„Податоците се јасни. Екстремна флексибилност и хибридна работа ќе ја дефинираат пост-пандемиската работна атмосфера“, се забележува во извештајот на „Мајкрософт“.

Во него се додава дека последнава година, бројот на состаноци на светско ниво се удвоил, додека во февруари годинава биле испратени 40 милијарди електронски мејлови повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Далечинското работење – проблем за младите што сега ги започнуваат кариерите

Но, помладите анкетирани работници истовремено одговориле дека се борат со поголем стрес отколку повозрасните. Меѓу другото, причина за тоа е што младите се на почетокот на нивните кариери, па немаат финансиски средства за да создадат удобен работен простор дома, доколку работодавците не им го обезбедат тоа.

Забележано е и дека младите лица родени кон средината на 90-тите години или на почетокот на новиот век, имаат тенденција да бидат „сингл“, односно да не се впуштаат во партнерска врска со оглед на тоа што се помлади, што ги терало да се чувствуваат изолирани.

„Нашите откритија покажаа дека за Генерацијата Зи и луѓето кои штотуку ја започнале својата кариера, ова е нарушувачко време. Многу е тешко да ја најдат својата основа бидејќи тие не го доживуваат личното управување, вмрежувањето и обуките што можат да се очекуваат во нормална година“, изјавил Џорџ Андрес, постариот главен уредник на Линкдин (LinkedIn), кој е во сопственост на „Мајкрософт“.

Анкетата покажала и дека, освен младите, и вработените во технолошките компании кои имаат деца се соочуваат со одредени потешкотии на работа, бидејќи се бореле да најдат баланс помеѓу работата и надгледувањето на нивните деца кои учат од дома. И покрај тоа што компаниите се обиделе да понудат повеќе придобивки за родителите, родителите рекле дека се чувствуваат преморени од работа.

Промена во работната култура

40 отсто од испитаниците рекле дека размислуваат да дадат отказ од работа годинава, а 46 отсто планирале да се преселат сега кога можат да работат од далечина. 67 проценти рекле дека би сакале да имаат повеќе работа со физичко присуство, но и поблиска соработка со колегите.

Врз основа на податоците кои биле собрани преку апликациите „Тимс“ и „Аутлук“, било забележано дека вработените сега помалку комуницираат со своите колеги отколку во периодот кога почнала пандемијата.

Во заклучокот, „Мајкрософт“ предлага компаниите да инвестираат во технологија што помага во поврзување на физичките и дигиталните светови, за да можат тимовите да работат и од далечина, но и во канцеларија. Истовремено предлага помладите вработени да добијат поголема кариерна поддршка, но и организациите да бидат постојано подготвени за нови планови и промени.

Во истражувањето биле вклучени 30.000 лица од 31 земја. Целосниот извештај може да се најде овде.